Анатолиј Бугорски на 13 јули, 1978 година видел „блесок посилен од илјада сонца“, кога протонски зрак со јачина 76 GeV (1 GeV е еднаков на милион електроволти), го погодил во глава. Подоцна кога го раскажал искуството, раскажувал дека не почувствувал болка, но знаел дека последиците ќе бидат долгорочни.
34-годишниот советски физичар, работел на Институтот за физика на високи енергии во градот Протвин. Работел на протонски акцелератор „У-70“, чиј зрак во тоа време создавал најсилна енергија на светот. Нуклеарните честички во акцелераторот се забрзуваат со многу големи брзини и се судираат во вакуумски цевки, а потоа се проучуваат честички кои се повторуваат во тој судир. Дел од уредот со кој ракувал Бугорски емитирал протонски зрак. Бугорски јавил на контролниот центар дека зракот ќе се исклучи за 5 минути, но стигнал на тоа место минута или две порано. Вратата во салата за експерименти по грешка останала отворена по претходниот експеримент, а сијалицата која светела како предупредување дека зракот е уште активен, била расипана.
Бугорски влегол во салата да го прегледа уредот кога одненадеж зрак со пречник 2х3 милиметри, го погодил во задниот дел од черепот, му поминал низ средното уво и слепоочната коска и излегол покрај левата ноздра. Во дел од секундата Бугорски бил изложен на доза зрачење помеѓу 200.000 и 300.000 рендгени, што е 300 пати повеќе од смртоносна доза.
Бугорски ја завршил својата работа врзана за техника и внел забелешки во дневник. Како искусен физичар знаел дека ова е навистина необичен случај. Но, стравувал од последиците, па не соопштил веднаш што се случило. Отипол дома, но состојбата се влошила. Левата половина од лицето отекла и затоа наредното утро поднел извештај, по што веднаш е
префрлен во Москва. Сместен бил на интензивна нега во специјална болница. Сите мислеле дека физичарот нема да заздрави, но тој по 18 месеци се вратил на работа. Рекол дека во заздравувањето му помогнала големата љубов кон спортот.
Бугорски веќе не можел да слуша на левото уво, а левата страна од лицето му останала делумно парализирана. Доживеал многу мали и најмалку 6 силни напади на епилепсија. Со текот на времето нападите престанале. Подолго од една деценија по инцидентите, два пати годишно одел во болница на испитувања, каде што контактирал со други жртви на радијација. Неговите интелектуални способности не настрадале, но Бугорски брзо почнал да се уморува. Успеал да заврши докторска дисертација на која работел пред инцидентот.
И понатаму нема одговор на прашањето како ја преживеал радијацијата.