X
 15.03.2018 Култура

Најпознатиот симбол на Париз ќе добие нова, поживописна боја?


Ајфеловата кула на зајдисонце
(Фото: Thinkstock)


Кога во 1889 година беше претставена како експонат за Светската изложба по повод стогодишнината од Француската револуција, многу парижани на Ајфеловата кула гледале со извесна доза презир. На тоа можеби влијаел и фактот што најпрепознатливиот француски споменик првично бил обоен во црвена боја.

За 129 години постоење, кулата била фарбана вкупно 19 пати.

За јубилејното, 20-то фарбање кое се планира оваа година, француското Министерство за култура и градските власти на Париз, дополнително треба да одлучат дали повторно ќе се користи истата патинирана метална боја, или можеби ќе се оди на некаква поинаква варијанта.

„Имаме идеја повторно да ги откриеме и оживееме старите бои, како што се прави при реставрирање на некоја стара уметничка слика. Размислуваме да додадеме и некои нови нијанси на постоечката боја“, велат од министерството за весникот „Паризиен“.

Авторот на кулата, францускиот инеженер Гистав Ајфел, кулата оригинално ја обоил во црвена боја, за полесно да ја заштити од ’рѓосување. Оттогаш, Ајфеловата кула била фарбана во окер, жолта и неколку нијанси на кафеава боја, пишува „Травел енд лежр“.

За фарбањето, кое ќе почне во месец октомври и ќе трае три години, ќе бидат потребни 60 тони боја. Се планира вкупната цена на овој зафат да чини околу 300 милиони евра, во која е вклучено и поставувањето на непробојно стакло околу кулата.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура