X
 04.09.2019 Образование

Илиевски од денеска е советник-просветен инспектор. Не се откажува од барањето на правдата

Просветниот инспектор Ѓорѓи Илиевски денеска го имаше својот прв работен ден на новото работно место како советник-државен просветен инспектор за инспекциски надзор и оценување на квалитетот во воспитно-образовни институции во Скопски плански регион. Тој повеќе не е виш инспектор за високо образование, откако комисија за водење дисциплинска постапка за дисциплински престап во Државниот просветен инспекторат предложи, а директорот Томе Спировски донесе решение за распоредување и определување плата на државен службеник.

- Ова е смислена работа за да се забошотат сите скандали, но, сепак, мислам дека тоа нема да им успее. За неколку месеци си одам во пензија. Намалена ми е платата, а пред пензија тоа е недопустливо. Во консултација со експерти за работни односи, ми рекоа дека пет години пред заминување во пензија не смеат да ми ја намалат платата. За жал, раководството на ДПИ не почека ниту одговор од Агенцијата за администрација. Пред неколку дена оставив отворено писмо до амбасадите. Институциите, за жал, многу бавно работат и затоа се информирани сите странски амбасади и канцеларијата на ЕУ, холандската, француската, треба деновиве и германската амбасада - вели Илиевски.



Тој додава дека воопшто не е задоволен од динамиката со која се решава случајот.
- Претставката до Антикорупциската комисија е доставена на 13 мај годинава, поминаа речиси четири месеци, а сè уште нема решение. Какво и да е, позитивно или негативно, тие треба да го решат случајот. Во оваа институција сè уште имам доверба и се надевам дека таа нема да се изгуби - додава инспекторот.

Тој е категоричен дека ќе поднесе иницијатива до Уставниот суд за решенијата од второстепената комисија што вршеше надзор на Правниот факултет на Тетовскиот универзитет за трите случаи. Илиевски ќе го оспори и Законот за високо образование, донесен лани, каде што стои дека по барање на функционер може да не му мирува звањето, а во Уставот стои дека извршител на јавна функција не може да има друга јавна функција.


Подготвил: С.Ѓ.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование