X
 20.03.2018 Наука

Сензација: Откриени 500 гени поврзани со интелигенцијата


Илустрација: Човечки мозок
(Фото: Thinkstock)


Човечката интелигенција во многу аспекти зависи од условите во кои се развива единката. Децата што не страдаат од неисхранетост и растат во релативно незагадени средини во просек постигнуваат подобри резултати од оние што ги немаат тие услови.

Но, и генетиката игра голема улога во тоа колку сме интелигентни. Студиите спроведени на близнаци покажуваат дека 50 до 80 проценти од варијациите во интелигенцијата можат да им се припишат на гените. Но, пронаоѓањето вистински генски варијабли се покажало како сериозен предизвик.

Досега студиите на ДНК на стотици илјади лица што не биле во крвно сродство покажуваат дека варијантите се пренесуваат од родителите на децата, односно се наследуваат. Големата „дупка“ меѓу студијата со близнаците и генските истражувања ги доведе научниците во голема дилема.

Во досега најголемата студија од овој тип биле идентификувани повеќе од 500 гени кои се поврзувале со интелигенцијата. Научниците користеле примероци од институцијата „УК Биобанк“ и споредувале гени од повеќе од 240.000 лица. Нивната анализа идентификувала 538 гени одговорни за интелигенцијата, како и 187 регии на човековиот геном кои се однесуваат на логичките процеси и размислување. Некои од тие гени исто така се поврзани со некои други биолошки процеси, како на пример – долговечноста.

Но, дури и со таквите нови сознанија тешко е да се предвиди нечија интелигенција само од гените што ги поседува лицето. Од сите учесници чии гени се користеле во истражувањето, само 7% имале точна корелација меѓу гените и коефициентот на интелигенција (IQ), кој всушност е несовршен показател на интелигенцијата.

Истражувањето, кое анализирало семејства од Шкотска, покажало дека поинтелигентните луѓе имале помалку ДНК-мутации што влијаат врз генетиката, но и врз севкупното здравје, наместо она што го предвидувале научниците – дека постојат повеќе генски варијанти кои резултираат со повисока интелигенција.

„Ова е едно од највозбудливите истражувања што сум ги видел досега“, изјавил генетичарот Стив Стјуарт Вилијамс.

Една од импликациите е дека со генска терапија (генетички инженеринг) не само што ќе се „поправаат“ стотина штетни мутации (за здравјето) туку и лицата ќе бидат попаметни, а не само поздрави.

„Сметам дека ова покажува колку е важна генската терапија за иднината, а сега гледаме дека тоа се ’две муви со еден удар‘“, истакна генетичарот Кристофер Гингел од „Оксфорд“.
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука