X
 17.02.2024 Наука

Најдобриот пријател ви е како член од семејството? Генетиката вели дека имате поголема сличност отколку што мислите

Веројатно имате повеќе заеднички работи со вашите пријатели отколку што мислите, покажува ново истражување објавено во списанието „Просидингс оф д нешнл академи оф сајнсес“.

Веројатно и вашите гени се слични.

Претходни истражувања покажаа дека луѓето се генетски слични на нивните сопружници и возрасни пријатели можеби затоа што луѓето природно гравитираат кон луѓето со кои имаат нешто заедничко.

Но, како и зошто се случува ова потсвесно сортирање? Истражувачите од „Стенфорд“, „Дјук“ и Универзитетот во Висконсин - Медисон проучувале 5.000 пријатели адолесценти користејќи податоци од „Ед хелт“, долгорочно истражување на луѓе кои биле од 7. до 12. одделение во текот на учебната 1994-1995 година. Тие извршиле многу генетски споредби, сакајќи да дознаат повеќе за паровите пријатели и соученици.

Истражувачите откриле дека пријателите се генетски повеќе слични од случајните парови на луѓе, и околу две третини слични како просечниот брачен пар. Авторот на истражувањето, Бенџамин Доминг, асистент-професор на школата за образование во „Стенфорд“, вели дека оваа сличност е доволно силна за да се открие, но не на исто ниво како браќата и сестрите.

Овој ефект може да се должи на концептот наречен социјална хомофилија, или идејата дека луѓето формираат врски врз основа на заеднички карактеристики.

Кога истражувачите ги споредиле геномите на соучесниците, тие биле околу половина генетски слични како пријателите и значително послични од неповрзаните поединци, што сугерира дека заедничкото опкружување и потекло може да претставува добар дел од генетската сличност забележана меѓу пријателите. Ова нагласува колку се тесно поврзани генетиката и социјалните околности.

- Дали поединците активно избираат да бидат околу луѓе кои се како нив или поради други сили, како што се општествените структури? Нашите докази, во однос на пријателите, покажуваат дека тоа во голема мера се должи на социјалните структури - вели Доминг.

- Гените и социјалните средини се испреплетени на многу начини - додава Кетлин Мулан Харис, авторка на истражувањето и професорка по социологија на Универзитетот во Северна Каролина. Генетската сличност меѓу соучениците може да се должи на многу работи, од локацијата на училиштето до типот на родител кој одлучува да го испрати своето дете во таа институција, додава таа.

Станува збор за комплицирана равенка која истражувачите треба да ја имаат на ум.

- Генетичарите треба да обрнат внимание на социјалниот контекст кога ги проценуваат генетските влијанија врз образованието. Важно е да се обрне внимание на овие заеднички генетски ефекти, за кои шпекулираме дека навистина се должат на социјалната структура - вели Харис.

Извор: Time.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука