X
 23.03.2018 Образование

Почнува големата Меѓународна конференција за математика и природни науки на ПМФ

Како наставен кадар и директни актери во образованието, сите ние чувствуваме потреба личните искуства да ги споделиме и низ разни активности на научен собир да ги согледаме потребите на учениците и на наставниците, велат организаторите



Повеќе од 550 научници, професори, наставници по математика, физика, хемија и биологија ќе учествуваат на Меѓународна конференција за образованието по природни науки и математика, која денеска и утре ќе се одржи на Природно-математичкиот факултет во Скопје. На собирот ќе учествуваат и директори на училиштата, советници, инспектори, државни службеници од повеќе институции. Сесиите почнуваат утрово, во 8:30 часот.

Целта на конференцијата е во време на чести реформи во образованието, преку предавања, излагања, дискусии, да се изведат заклучоци за состојбите, кои ќе се искористат за подобрување на идните стратегии и правци за престојните промени. Конференцијата ја организираат Природно-математичкиот факултeт при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, Друштвото на физичарите на Република Македонија (ДФРМ) и Сојузот на математичари на Македонија (СММ) со поддршка од Министерството за образование и наука (МОН), Бирото за развој на образованието (БРО) и издавачката куќа „Арс Ламина публикации“.

- Како наставен кадар и директни актери во образованието, сите ние чувствуваме потреба личните искуства да ги споделиме и низ разни активности на научен собир да ги согледаме потребите на учениците и на наставниците – велат организаторите.

На конференцијата се поканети предавачите Зорана Лужанин од Србија, Тони Чехларова од Бугарија, Барбара Ровшек од Словенија, Маја Гајдарова од Бугарија, Аница Хрлец од Хрватска, Славољуб Радуловиќ од Србија. Заедно со излагачите од земјава тие ќе зборуваат за наставните планови и програми, современите методи и техники во наставата, образовните стандарди, учебниците и литературата, истражувањата во образованието, воннаставните активности, доживотното учење и професионалниот развој, вреднувањето на постигнувањата на учениците и наставниците, лабораториските активности и практичната работа, образовната технологија, меѓупредметната корелација.

- Преку предавања на поканети предавачи од регионот, усни презентации, тркалезна маса и дискусија, учесниците ќе се запознаат со добри практики во регионот. Ќе се согледаат сите добри страни и недостатоци на образованието по природни науки и математика во Македонија и врз основа на излагањата на учесниците на собирот и зборникот на трудови што ќе биде издаден, ќе биде донесен заклучок за потребите, предизвиците, формите и правците каде што треба да се насочиме при реформите во образованието по природни науки и математика – велат организаторите.
Подготвил: В.И.И.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование