X
 24.03.2018 Живот

Како најпаметно да го искористите викендот?


Другарки со кренати раце во воздух, на планина
(Фото: Pixabay)


Ако првата мисла во понеделник наутро ви е дека викендот ви поминал многу брзо, можеби треба да промените нешто во блиската иднина. Се покажало дека клучот за исполнет викенд, кој нема да ви изгледа како да ви летнал пред очи, е во потрагата по некоја нова занимација.

Според мислењето на Дејвид Иглмен, професор на „Станфорд“, потрагата по нови активности и искуства е најдобриот начин малку да го „развлечете“ времето. Многу е важно што е тоа што вашиот мозок го смета за ново. Кога времето го поминувате правејќи нешто што не ви е познато, вашиот мозок се фокусира повеќе на собирање информации поврзани со таа активност, создавајќи целосно сеќавање на тоа искуство. Кога ќе се потсетувате на тоа искуство или на таа ситуација, ќе имате впечаток дека сте имале повеќе време.

Правете нешто ново

Значи, ако имате востановена рутина секој викенд, нема да паметите како сте си ги поминале слободните денови кога ќе дојде понеделник наутро. Ќе имате впечаток како да ви летнале двата слободни дена бидејќи не сте му дале нова информација на вашиот мозок, која би ја собрал и би ја вклучил во сопствениот систем. Иглман дури истакнува дека викендот полн со рутина слична на долго и досадно лето изгледа како вечност додека сте во воздух, но штом ќе слетате, практично го заборавате целото тоа искуство. Иста е причината кога ни се чини дека времето побрзо поминува со текот на стареењето.

Кога се мали, сè ви е ново и создавате нови спомени за тоа. Затоа, кога ќе се осврнете на крајот на распустот, ќе ви се чини дека траело долго бидејќи паметите сè и сешто, сте научиле да возите велосипед, сте биле на море или на село, сте доживеале многу нови искуства и сте виделе нови нешта... Но, кога сте повозрасни, како веќе да сте ги виделе сите обрасци претходно.

Викенд во движење

За среќа, потрагата по нешто ново секој викенд не е толку тешка како што звучи – не морате баш да скокате со падобран. Само треба да направите некои планови кои не се во вашата нормална рутина. Вежбањето е последното нешто за кое сакаме да размислуваме во текот на тие два драгоцени дена. Иако викендот е создаден за релаксација, лесна прошетка, возење велосипед или посета на базен се она совршено движење во денот што како и опуштањето на каучот ќе ни помогне да се опуштиме и да ги наполниме батериите за работната седмица пред нас.

Време за филмови, серии, книги

Покрај брзинското чистење дома и перењето насобрани алишта, викендот е совршено време да ја погледнете последната епизода од омилената серија, која не сте стигнале да ја изгледате премиерно; да отидете во кино на филмот што сите го зборуваат или да избришете прашина од полиците со книги и да си ја земете книгата што со месеци сакате да ја прочитате.

Предлози како да си го организирате викендот

– Одете негде на викенд;

– Ако останете дома, уредете ја куќата, дворот, одете на пазарување, а другиот ден нека ви биде посветен на нови нешта;

– Пешачете некаде надвор од вообичаената патека или патот што постојано го одите;

– Посетете нов ресторан, бар, кафуле или клуб;

– Истражете ја околината во која не сте биле;

– Ако постојано гледате филмови, за промена – погледнете некоја претстава;

– Немојте секогаш да летувате (зимувате) на исто место;

– Правете го тоа што ве исполнува, што ве прави среќни и нешто што досега не сте го пробале и ќе се чувствувате позадоволно.  
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот