X
 29.11.2017 Живот

Кратки страшни приказни

Многумина од нас искусиле работи што не можат да ги објаснат. Се разбира, често сакаме ваквите искуства да ги споделиме со другите. Во продолжение прочитајте некои необјасниви приказни што предизвикуваат чувство на страв и непријатност.

1. Пред неколку години брат ми добиваше повик на мобилниот телефон околу 2-3 часот наутро, секоја вечер. Кога одговараше, слушаше чудна врева. Нешто како вресоци. Го промени бројот по еден месец и повиците престанаа. Потоа, по една недела повторно се случуваше истото, истата врева, истото време. Еден ден реши тој да сврти на бројот. Се јави стар човек кој немаше поим за што зборува брат ми. Сепак, повиците продолжуваа. Го прекина договорот со мобилната компанија, промени нова, со нов број. По кратка пауза повиците продолжија. Овој пат беше преплашен. Повторно сврти на бројот, а тогаш се јави друго лице. Ги изгуби и својата работа и телефонот. Повиците престанаа. Телефонот беше исклучен. Мајка ми еден ден ме повика да ми ја покаже чудната порака што пристигнала на нејзиниот домашен телефон. Беше истиот звук. Му го покажавме на брат ми, кој беше вџашен. Повторно се јави на бројот, но овој пат бројот беше исклучен. Потоа сè престана.

2. Приказна што ѝ се случи на моја пријателка – ќе ја наречеме Минџи. Минџи е во доцните 20-ти години и работи како тутор по англиски јазик во Јужна Кореја. Една вечер подучувала момче од средно училиште. Учеле до доцна, а потоа веќе немало автобуски превоз. Бидејќи живеело далеку, момчето ја прашало Минџи дали може да преспие на нејзиниот под. На Минџи тоа не ѝ звучело како добра идеја, но се согласила. Таа заспала на креветот, а момчето на подот. По неколку часа, околу 2 часот наутро, момчето ја разбудило Минџи. Рекло дека е многу гладно и да излезат за да јадат нешто. Минџи била изненадена, но тоа инсистирало. Му понудила да земе нешто од кујната, но не било задоволно со одговорот.  По кратко убедување, Минџи излегла со него во блискиот ресторан што работел 24 часа. Кога се движеле по улицата, тоа ѝ рекло: „Не сум гладен. Се разбудив и погледнав под твојот кревет. Под него спие некој човек.“ Повикале полиција и откриле дека бездомник спие во нејзиниот стан повеќе од 2 месеца. Момчето успеало да го види бидејќи имало чист поглед под креветот. Полицијата го уапсила човекот.

3. Дедо ми почина минатата година кога мојот син имаше околу една година. Вечеравме заедно со целото семејство секој петок, па мојот син го имаше видено неколку пати. Дедо ми беше тивок, горд човек, но кога мислеше дека е сам или не го забележуваат, знаеше да прави будалести фаци, па мојот син се смееше. Неколку ноќи по погребот син ми почна да се смее неконтролирано околу 2 часот наутро. Станав од кревет и појдов да видам што се случува – син ми стоеше во дневната соба, во темница и се смееше. Го прашав што прави, а тој ми рече: „Дедо смешен“. Го подигнав и го доведов во нашата соба. Како што го носев, тој рече: „Чао дедо!“ и упати воздушен бакнеж, а јас не видов апсолутно ништо.

4. Пред неколку недели девојка ми спиеше кај мене. Често зборува во сон, но овој пат звучеше малку панично. Се разбудив и ја прашав што прави и за што зборува. Ми рече дека мислела оти видела некого на крајот од креветот. Мислејќи дека е сон, продолживме со спиење. По еден час се разбудив и видов како некој стои на креветот, со чаршафите свиткани околу вратот. Прво што реков е „Што правиш?“ Потоа девојка ми ме разбуди. Го сонував истиот сон како неа и ги реков истите зборови.

5. Бев заглавена во бањата во морничавата куќа во која престојуваше моето семејство. Бев дома сама. Слушнав трескање на врата и мислев дека татко ми е дома. Викнав по него: „Тато! Заглавив во бањата!“ Слушнав како се движи по стариот дрвен под, низ кујната, надолу по ходникот и застана на крајот од скалите. „Тато! Се заглавив!“, извикав. Веднаш слушнав како се качи по скалите и застана на горниот крај. Уште еднаш извикав: „Се заглавив во бањата!“ Уште 4 чекори до другата страна на вратата. „Тато?“, прашав. Бууууууум! Вратата силно се отвори и се удри во ѕидот. Излегов во ходникот. Погледнав наоколу. Немаше апсолутно никого. Реков „благодарам“ и појдов в кревет.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот