18.02.2020
Образование
По шест месеци, одобрени шесте итни вработувања на Институтот за хемија
Институтот за хемија ги доби вработувањата што беа побарани како ургентни на крајот од август минатата година, вели за Факултети.мк проф. д-р Марина Стефова, раководителка на Институтот при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
- Конечно добивме известување од Министерството за образование и наука дека е добиена согласност за вработување на 6 соработници и тие ќе бидат реализирани веднаш по завршувањето на парламентарните избори - вели Стефова.
Одобрени се вработувањата што биле побарани – за двајца асистенти и четири виши лаборанти (дипломирани хемичари), кои ќе овозможат нормализација на практичната настава и подобрување на човечкиот капацитет во истражувачките лаборатории на Институтот за хемија.
- Ова ќе придонесе за ублажување на катастрофалната состојба со млади соработници и се надеваме дека во иднина ќе биде овозможено редовно обновување на кадарот и задржување на најдобрите дипломирани студенти - вели Стефова.
Поради пензија или други причини, кадарот на Институтот во последните десет години се намалил од 44 на 20 (наставници, асистенти, лаборанти). Поради невозможните услови за работа, вработените и студентите во октомври излегоа на мирен полчасовен протест пред Институтот.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk