Сакаме да им покажеме на учениците дека хемијата е многу интересна наука која вреди да се изучува
Хемиски спектакл ќе се одржи вечерва во 18 часот на Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Вработените на Институтот велат дека се добредојдени сите заинтересирани основци и средношколци и сите вљубеници во хемијата.
- „Група среќни хемичари“ и „Не толку среќни хемичари“ ќе организира хемиски спектакл во хемискиот амфитеатар - покануваат вработените на Институтот.
Според проф. д-р Марина Стојановска, еден од координаторите на иницијативата, идејата на овие спектакли е популаризација на хемијата како наука.
- Сакаме да им покажеме на учениците дека хемијата е многу интересна наука која вреди да се изучува. На хемиските спектакли присуствуваат студенти, ученици од основни и од средни училишта, наставници и сите оние вљубеници во хемијата што се заинтересирани да проследат спектакуларни хемиски експерименти зачинети со малку „театар“. Институтот за хемија, преку овие спектакли, станува место за дружба на сите генерации и можност за неформално учење - вели Стојановска.
Хемичарите се креативни додека ги организираат спектаклите
Таа објаснува дека заедно со студентите од Институтот за хемија, кои се дел од Клубот на студенти-хемичари, се обидуваат овие спектакли да ги направат забавни и интересни за да останат што подолго во сеќавањата, но истовремено да бидат и поучни, за сите посетители да имаат можност да научат нешто ново или да видат експеримент изведен на поинаков начин.
- Се надеваме дека ќе ја засилиме љубовта на учениците за хемија, а на наставниците ќе им предложиме идеи кои би можеле да ги модифицираат и реализираат на нивните часови - вели Стојановска.
Настанот ќе трае околу 1 час. Хемиските спектакли на Институтот за хемија се одржуваат секоја година и веќе стануваат традиционални.