X
 04.07.2020 Наша тема

Македонија – единствена земја во Европа што 10 години немала конкурс за национални научноистражувачки проекти

По тоа сме единствени во Европа и многу пошироко, вели проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје


Во Македонија десет години нема конкурси за национални научноистражувачки проекти. По тоа сме единствени во Европа и многу пошироко, вели проф. д-р Виктор Стефов од Институтот за хемија при Природно-математичкиот факултет во Скопје.
Најголемиот државен универзитет во земјава, „Св. Кирил и Методиј“, со години оди надолу на светските листи за високо образование, а слична е состојбата и со другите високообразовни институции. Со повеќе научници во земјава го отвораме прашањето каков е третманот на науката во Македонија и како тоа влијае врз рангирањето на нашите универзитети во светски рамки?


Проф. д-р Виктор Стефов / Извор: Youtube

Пред еден месец Центарот за рангирање на универзитетите во светот (CWUR) од Обединетите Арапски Емирати ја објави листата со глобални рангирања на универзитетите што го мерат квалитетот на образованието. Од Македонија само УКИМ се најде на листата, на 1.917 место, односно за 101 место подолу од претходната година. На Шангајската листа со 1.000 најдобри универзитети во светот никогаш не сме стигнале, односно лани УКИМ беше на 1.568 место, а на Вебометрикс - на 1.607 позиција.

Науката е крајно маргинализирана

Проф. Стефов објаснува дека во светот постојат повеќе листи и мерења за рангирање на универзитетите.

- Практично на сите тие листи нашиот универзитет во последните години е во надолен тренд. На пример, на листата на webometrics за четири години паднавме за околу 600 места, што е огромен пад за толку кратко време. За тоа има многу причини, но најважната е што научните резултати и нашата видливост преку нив се секоја година послаби, а тоа е последица на фактот дека нашата наука според издвојувањата е на самото дно во Европа и светот во целина - објаснува Стефов.

Според него, развојот на едно општество во целина зависи од степенот на развојот на науката, кој потоа се одразува и во сите други витални сегменти на општеството. Притоа, развојот на науката, односно научноистражувачката дејност во основа зависи од кадровскиот потенцијал, материјалните услови и поддршката за истражувања и достапноста до научна и стручна литература и до електронски бази на податоци.


Фото: Pixabay

- Кај нас сето ова е практично занемарено. Не познавам средно или високоразвиена држава каде што науката не игра клучна улога во нејзиниот развој. Но ете кај нас таа е маргинализирана на најниско можно ниво. Затоа и сме таму каде што сме. Жалосно е што УКИМ, каде што е концентриран најголемиот научен потенцијал и најголеми резултати од научните истражувања, дозволи да потоне до ова ниво - вели Стефов.

Според него, затоа е потребна целосна реформа во целокупното работење на УКИМ бидејќи само со парцијални измени ништо нема да се постигне. Треба да биде целосно отворен, транспарентен и интегриран универзитет во сите негови сегменти, а не парцијално како што е сега. Научноистражувачката дејност на универзитетот треба да биде негов врвен приоритет. Стефов вели дека УКИМ треба да овозможи пристап на наставниот кадар и студентите до најважните бази на научни податоци Scopus или Web of science.
- Ние немаме никаков пристап до релевантните светски бази на научни податоци, што е првичен услов за каква било посериозна научноистражувачка работа. Тоа лесно може да се направи од сопствени средства ако само се скратат додатоците на ректорот, проректорите, сенаторите и ректорската управа, како и другите привилегии - вели Стефов.

Нема вработувања на млад кадар

Тој е категоричен дека со години нема грижа за научен подмладок бидејќи не се одобруваат вработувања на млад кадар.
- Во државата десет години нема конкурси за национални научноистражувачки проекти, и по тоа сме единствени во Европа и многу пошироко. Нема никаква научна политика во државата ниту за тековната година, а камоли за подолг период. Инаку, протагонисти за науката во државата се главно МОН, МАНУ, универзитетите и научните институти и тие практично се и најодговорни за ваквата состојба, а секако и сите ние од овие институции кои со својата инертност дозволивме да дојдеме до ова ниво - објаснува Стефов.

Фото: Flickr

Според него, раководството на УКИМ треба да се залага секој вработен на универзитетот да биде достојно платен како што прилега на неговото образование и вложен труд, а не тие да размислуваат за најосновни животни потреби, што особено ги засега младите. Да се залага партиципацијата од студентите да оди во целост за подобрување на образовниот процес на факултетите и воведување на студентите во истражувачка работа уште на додипломски студии, а не како досега таа партиципација да служи за надомест за изминат стаж или зголемување на платите на наставниот кадар на факултетите.

- УКИМ да направи сѐ што е можно нашите најдобри студенти, ако имаат желба, да може да се вработат на факултетите во земјата, а не да одат надвор. Има уште многу што да се кажува во овој правец, но ете УКИМ нека почне барем од горенаведеното и јас сум убеден дека за релативно кратко време ќе почне да се зголемува рејтингот на универзитетот по сите релевантни листи на мерења, а не драстично да паѓа како што е сега - вели Стефов.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема