Скриена под улиците на Тбилиси, Грузија е сосема друг свет - поточно временска капсула од советската ера. Тоа е свет што фотографот Давит Табагари го откри пролетта 2021 година и оттогаш го фасцинира. Љубител на фотографијата уште од детството, тој ја користи својата страст за да ги документира историските подземни засолништа во Тбилиси.
Во 1921 година беше формирана Грузиската Советска Социјалистичка Република, а потоа вклучена во Советскиот Сојуз. Иако Грузија прогласи независност во 1991 година, непосредно пред распадот на Советскиот Сојуз, сè уште може да се најдат многу траги од советската историја. Ова вклучува обемен подземен град и систем од тунели. Табагари почнал да истражува некои од над 400. подземни засолништа во Тбилиси со едноставно користење на влезовите на ниво на улица покрај кои повеќето луѓе поминуваат без да ги забележат.
Спуштањето во овие простори е како враќање назад во времето. Табагари забележува дека овие засолништа биле изградени за време на Студената војна. Секој влез има генератор и филтрација за вода, струја, како и системи за снабдување со кислород. Остатоци од мебел, резби во ѕидот, па дури и празни шишиња со вотка се доказ за тоа како се користеле овие простори.
Некои од засолништата се прилично пространи. Всушност, онаа што му оставило голем впечаток на Табагари биле три крила со 150 посебни простории и четири дизел-генератори. Иако случајно наишол на некои засолништа, неговата секојдневна работа во Градското собрание му овозможила да собере повеќе информации за тоа каде се наоѓаат овие објекти. Меѓутоа, повеќето од неговите откритија дојдоа од набљудување и од контакт со локални „копачи“.
Овие копачи се авантуристи кои го истражуваат подземниот свет на Тбилиси и ги објавуваат своите наоди на интернет. Тоа и барањето надземни вентилациони решетки му овозможило на Табагари да види повеќе напуштени простори отколку што некогаш можел да замисли.
Иако има малку архивски информации за подземните простори и тунелите на Тбилиси, се верува дека тие биле изградени под водство на Лавентри Берија. Тој бил секретар на Комунистичката партија во Грузија во поголемиот дел од 30-тите години. Како највлијателен шеф на тајната полиција на Сталин, тој имал огромна моќ. Се верува дека во некои од структурите биле сместени затвореници и дека тунелот до железничката станица бил користен за тајно транспортирање на затворениците.
Откако се посветил на фотографирањето на овие простори, Табагари се надевал дека другите ќе ги видат сликите како важен потсетник за историјата на Тбилиси.
- Проектот беше толку сложен и бараше многу време. Штом ќе стигнете таму, ја чувствувате историјата; ќе сфатите точно колку ресурси се инвестирани во подготовките за Студената војна. Се надевам дека луѓето ќе ја почувствуваат специфичноста на овие засолништа од фотографиите и оваа колекција ќе додаде вредност на нашето разбирање и целокупното знаење за СССР, Студената војна и нашата историја - вели тој.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото:
Davit Tabagari/Instagram