Фотографот Џаспер Доест ја посвети својата кариера на давање глас на животните. Неговата наградувана фотографија раскажува визуелни приказни за дивиот свет на кој очајно му е потребно внимание. Сега неговата работа е наградена во контекст на натпреварот за најдобар европски фотограф.
Потресната фотоприказна на Доест за загрозените африкански шумски слонови во централниот дел на Габон му ја донесе наградата „Фриц Полкинг“ за 2023 година. Наградата е именувана по ценетиот германски фотограф и автор Фриц Полкинг, кој почина во 2007 година, а се доделува секоја година за извонредно портфолио на работа.
Доест, кој има дипломирано екологија, вели дека е доста чувствителен на меѓусебната поврзаност на сите животни на Земјата. Преку фотографијата тој сака да го истражува односот помеѓу луѓето и природата. Неговата наградувана серија „Кревко засолниште за шумските слонови“ истражува едно од последните безбедни засолништа во централниот дел на Габон, прашумата во националниот парк Лопе. Доест поминал два месеца на локацијата во Габон, работејќи на приказната.
Покажувајќи како климатските промени влијаат врз производството на овошје во прашумите, што ја намалува храната на слоновите, Доест јасно покажува колку се загрозени и овие безбедни простори.
Исто така, Доест ја документира суровата реалност на засолништето за диви животни, низ кое поминуваат железнички пруги. Додека овие брзи возови често ги удираат и ги повредуваат слоновите, се чини дека економијата има предност пред она што е најдобро за овие загрозени животни.
Сведочењето на овие повреди и последователното справување со настаните е нешто што Доест никогаш нема да го заборави.
- Ме прогонува не само трагедијата што се случи, туку и поголемата приказна за човечката алчност што лежи во нејзината основа: постои железница што минува низ националниот парк, првенствено со цел да се транспортира вреден минерал. Африканските шумски слонови се на работ на истребување, но во меѓувреме овде се гледаат како колатерална штета на глобалната рударска индустрија - вели тој.
Се надеваме дека преку делото на Доест може да се изврши притисок да се промени ситуацијата со цел да му се помогне на овој вид.
Извор:
Mymodernmet.com
Фото:
Jasper Doest/Instagram/GDT EWPY 2023, Fritz Pölking Prize