18.02.2022
Живот
Матичните лекари протестираат, прегледуваат само итни пациенти
Матичните лекари во цела земја денес не работеа и примаа само итни пациенти. Тие протестираат бидејќи се револтирани од односот на Фондот за здравствено осигурување кој, како што велат, ги игнорира нивните барања.
- Денес сите сме во амбулантите, но не даваме услуги за „Мој термин“. Протестот се одвива мирно и достоинствено и пациентите го испочитуваа нашиот апел да не доаѓаат ако немаат итна потреба. Кај нас во Велес поддршка дадоа и матичните стоматолози и од приватните лаборатории, кои имаат склучено договор со Фондот бидејќи и кај нив со години не се покачени цените на услугите. Нашите барања се јасни - зголемување на капитациониот бод, кој сега изнесува 63 денари по пациент. Да се воведе минимална партиципација бидејќи сега сме преоптоварени со работа и не можеме ниту физички да издржиме, како и да се разговара за воведување основни пакети. Баравме укинување и на казнената политика бидејќи не сакаме да ни се повтори она што се случи пред некој месец среде пандемија лекари да бидат казнети - рече Лилија Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни лекари.
Таа објасни дека денес протестираат 1.436 општи матични лекари, а поддршка имаат и од матичните гинеколози и стоматолози. Според неа, овие барања им се познати и на ФЗОМ и на другите надлежни здравствени институции и дека досега многу пати барале дијалог, но биле игнорирани од сите, а најмногу од Фондот.
- Излеговме на мирен протест пред подрачната единица на Фондот. Ни се придружи и наш колега кој работи во Лозово и тоа е единствена амбуланта таму. Со зголемените трошоци дел од амбулантите во руралните средини ќе мора да затворат, што не е во ред бидејќи и на тие луѓе таму им треба лекар. Колеги од другите градови исто така мирно протестираа пред Фондот, некои порано, некои подоцна - рече Чолакова-Дервишова.
Од Фондот за здравствено осигурување рекоа дека сакаат да видат што бараат матичните лекари, па дури потоа ќе излезат со реакција. Матичните лекари денес имаат состанок во Министерството за здравство.