Од викендот започнува месец октомври. За гимназијалците од македонска настава учебната година се уште не започната. Три дена се на градскиот плоштад во Тетово, барајќи конечно решавање на просторниот проблем кој се одолговлекува речиси 15 години.
Од плоштадот и денеска се упатија кон општинската зграда. Претставници на учениците, родителите и професорите остварија средба со градоначалничката Теута Арифи. По состанокот, раководителот на Секторот за јавни дејности при општината, Ахмед Ќазими, го соопшти предлогот на општинските власти : привремена настава во двете згради на старото медицинско училиште додека се заврши доградбата на постоечкиот објект на гимназијата.
„Веднаш по овој состанок, екипи ќе бидат испратени во овие згради за да се утврди состојбата. Ќе се започне со работа со цел да се подготват просториите за да се почне со настава во најкус можен рок, рече Ќазими.“
На ваквиот предлог учениците бурно реагираа велејќи дека не го прифаќат предлогот. Остануваат на истите барања : интеграција со учениците Албанци во постоечкиот објект на гимназијата „Кирил Пејчиновиќ“. Велат дека условите во предложените згради се мизерни и таа опција не доаѓа во предвид.
„Бараме интеграција во гимназијата , каде што учат и гимназијалците Албанци. Сите посетуваат настава, само ние немаме каде да учиме, реагираат средношколците.“
Просторниот проблем со тетовската гимназија постои речиси 15 години. По непостигнувањето на договор со локалните власти, учениците Македонци и натаму немаат каде да одржуваат настава.