X
 18.02.2022 Наша тема

Сакам хумор и ведрина и се чувствувам како дел од едно големо, будалесто и одговорно семејство, вели Бојан Трифуновски, театарски режисер и сценарист

Најдобро поминуваат оние претстави каде што на децата не им се сервира финална мисла. Сѐ што е преџвакано и нападно, што ја навредува интелигенцијата на децата, никогаш не поминува. Драматизациите каде што има интеракција, соработка, дебата, мистерија... се оние што имаат поцелосен театарски живот, вели Бојан Трифуновски

Бојан Трифуновски е театарски режисер по вокација, автор на многубројни филмски и телевизиски сценарија, драматизации - „Животот е прекрасен“, „Среќна Нова година“, „Нешто пропуштаме“ се дел од неговите претстави на кои се потпишува како режисер. Работел на ТВ-сценарија на „Фчерашни новости“, „Фамилија Марковски“, „Преспав“... Има богато и опсежно портфолио. Последниве шест месеци е дел од тимот на „Светот на Биби“ и вели дека секогаш има време да работи на проект за најмладите.
- Ќе се обидам на децата да им го доловам духот на времето и потребата од креативност, игра, етика и најважно - човечност - вели Трифуновски.

Во еден напис прочитав дека сте театарски режисер, во слободно време сценарист. Како се наметна пасијата за пишување драмски текстови и сценарија? Кон што натежнува вагата со ангажмани, режисер или сценарист?

- Отсекогаш сум пишувал. Уште како аматер, најголем дел од драмите што ги поставувaв ги пишував самиот или со партнер/колега „маченик“. Првото сценарио го продадов во 1999 година, така што одамна пишувањето не ми е само хоби. Сѐ уште повремено го користам истиот метод, на драматизација на класици и нивна деконструкција/адаптација. Поради годиниве исполнети со изолација, пишувањето се наметна како побезбедна варијанта. Не ги делам двете професии на повеќе или помалку присутни или важни во мојот живот. Вака имам две љубовници. Засега немам фаворит.



Сценарист сте во „Светот на Биби“. Како го опишувате искуството од овој проект?

- Последниве 6 месеци, како дел од „Светот на Биби“, сум сведок на ретко професионален однос на тимот од „Биби“. Уживам во креативните и продукциските капацитети на целата екипа. Преталентираните режисери, актери и аниматори, организацијата, извонредната синхронизација и на крајот прогресивната и визионерска моќ на татковците на проектот (си знаат кои се) прават да се чувствувам како дел од едно големо, будалесто и одговорно семејство.
Како сценаристи често лутаме од продуцент до продуцент и во 99 отсто од случаите сме последни на нивните списоци, иако од нас тргнува сѐ. Чест на исклучоците како креативните директори на „Биби“. Задоволство е да се биде дел од овој тим, кој со верба, храброст и пред сѐ човечки капацитети, создава оригинален мегабренд на овој наш мал и сиромашен (по средства и по содржина) пазар. Секогаш имам време да работам проект за најмладите. Како родител, имам обврска да им ги покажам убавите работи на оваа цивилизација, пред да пропадне.

Да се работи за најкревката публика е деликатно. Какви светови сакате да им отклучите на децата преку остроумната протагонистка Биби и нејзината дружина?

- Избегнувам претенциозност и дидактика сама по себе. Многу сакам хумор и ведрина затоа што сметам дека се добар протеин за да се пренесе некоја важна идеја во јадрата на детската ДНК. Биби и Боби се прецизна и добро создадена структура, имиџ и насока врз која можам бесконечно да давам. Не секогаш ќе бидам точен, но секогаш ќе се обидувам на децата да им го доловам духот на времето и потребата од креативност, игра, етика и најважно - човечност. За нас, најважно е нашата најверна публика - децата да веруваат во себе, да отфрлат секакви предрасуди, но и да уживаат во овој период кога го впиваат овој опасно загаден свет како сунѓерчиња.



Имате приспособено неколку драматизации за Театарот за деца и младинци... Од досегашното искуство, што најсилно ја дразни љубопитноста на најмалата публика?

- Имам околу 10 драматизации за деца по театрите. Сите се различни и сите се идентични. Но мислам дека најдобро поминуваат оние претстави каде што на децата не им се сервира финална мисла. Сѐ што е преџвакано и нападно, што ја навредува интелигенцијата на децата, никогаш не поминува. Драматизациите каде што има интеракција, соработка, дебата, мистерија... се оние што имаат поцелосен театарски живот како проекти.

Какво е чувството да се преобликуваат класиците во ново руво?

- Секоја драматизација има своја привлечност и своја возбудливост. Ние како држава имаме сериозна ренесанса во детската литература, со веќе стотина одлични нови автори кои создаваат убави нови приказни. Јас повеќе сакам да ги работам класиците затоа што на децата треба да им се покаже од изворот. Самите да разберат дека пред 100, 200, 500 години некој прекрасен автор или авторка создала свет кој поради својата магија, идеја и занает, има сила да се справува со вековите. Драматизирам долго, претпазливо и темелно. Единствена маана ми е што имам тенденција појасно да ги гледам ведрината и хуморот во делата што ги драматизирам. Оптимист сум.

Драматизација или создавање оригинални сценарија?

- Не знам. Емотивно сум ангажиран и во двата вида создавање. Оригиналноста е секогаш резултат на идеја која се создала под влијание на стотици други идеи што патуваат низ етерот и свесно и несвесно ти се вгнездуваат во малиот мозок. Потребата за деконструкција, тежината што ја имаш додека идејата е во тебе и сака да избега, да биде напишана или испеана, но и фантазијата се клучни, независно од тоа дали си (мислиш дека си) автор или си интерпретатор или толкувач на постојна идеја.

Џорџ Кјукор вели: „Дајте ми добро сценарио и ќе бидам сто пати подобар режисер“...

- Сценариото е важно. Но ниту еден поединечен аспект на кое било аудио-визуелно дело не може без другите. Ако сценариото содржи некаква вистина, некаков потенцијал за сознание, откровение... Што било што ќе го одвои од другите, макар и по лошо, тоа е потентно и подготвено за реализација. Суштината на приказната и проблемите на карактерите во сценариото се глина од која треба река креативци да создадат финално дело. Во овие уметности за најважни се сметаат успешноста и потентноста на крајниот производ и на проектот како целина. Поединечните успеси се тука, но помалку важни.



По многу режирани претстави, солидно наталожено искуство, што мислите, во каква состојба е театарот кај нас?

- Театарот, како и сите други уметности, е ист како и општеството. Начинот на кој се грижиш за својата душа, писменост, креативност, слобода... те дефинира многу подолго и посуштински отколку некаква инстант проблематика. А ние сме доктори за инстант проблематика. Имаме многу талентирани, вредни и трпеливи театарски работници и многу неталентирани политички субјекти кои треба да им создадат услови за работа на првиве. Ама оваа дијагноза на нашиве простори е иста 2000 години.

Во што ја вложувате Вашата уметничка енергија и креативност периодов?


- Годинава ќе правам две претстави, што не ми се случило од 2007 година. „Светот на Биби“ ми е дел од кардиоваскуларниот систем, а работам и на развивање долгометражен филм со партнер од Канада.


Фото: приватна архива
Подготвил: Сања Јачевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема