Златните визи и државјанството преку инвестиции го привлекуваат вниманието, а повеќето такви програми почнуваат од неколку стотици илјади евра. Латвија е исклучок, со опцијата за основачки капитал на компанија од околу 50.000 евра, иако и таа опција би можела да се затвори за неколку месеци. Европската Унија го изгуби својот единствен директен пат за државјанство преку инвестиции кога програмата на Малта заврши во 2025 година, па платениот пристап до Европа сега речиси целосно се сведува на дозволи за престој кои сепак чинат вистинско богатство.
Но, постојат и други врати, а зад ниту една од нив не се бара инвестиција. Пет патишта водат до пасош на ЕУ само врз основа на исполнување одредена квалификациска врска: потекло, враќање на државјанство што вашето семејство го изгубило, брак, законски престој или место на раѓање.
Сепак, тврдењето дека овие патишта се „бесплатни“ доаѓа со мала ѕвездичка. Секој од нив носи одредени административни трошоци, како што се државни такси, апостили, заверени преводи, а често и ангажирање адвокат, додека патиштата засновани на престој ве чинат години од животот поминати во таа земја. Она што ниту еден од нив го нема е влезна такса во форма на пари.
Прашањето не е дали можете да си дозволите државјанство на ЕУ. Прашањето е дали веќе ги исполнувате условите за него. Еве ги петте начини и кој всушност може да ги искористи.
Пет начини како да добиете државјанство на ЕУ без да напишете чек:
1. Побарајте државјанство преку потекло
Ако имате европски родител, баба или дедо, државјанството по потекло е најевтиниот начин до пасош на ЕУ. Ирска им овозможува на внуците на лица родени на островот Ирска да добијат државјанство без услов за престој и без јазичен тест. Унгарија, Полска, Бугарија, Латвија и Португалија, исто така, имаат поволни програми, додека Италија од 2025 година воведе построги правила и го ограничи кругот на лица што можат да аплицираат.
Најголемиот предизвик е собирањето документи со кои се докажува семејното потекло, но трошоците најчесто се сведуваат на административни такси.
2. Вратете го државјанството што вашето семејство го изгубило
Германија и Австрија им овозможуваат на потомците на луѓе кои биле лишени од државјанство или прогонувани за време на нацистичкиот режим да го вратат државјанството. Во Германија ова право го имаат и потомците на лица што биле погодени од дискриминаторските закони пред 1975 година, а рокот за поднесување барање е до 2031 година.
Овие постапки не бараат финансиски вложувања, туку докази за семејното потекло.
3. Стапете во брак со државјанин на ЕУ
Бракот со државјанин на ЕУ не значи автоматско добивање пасош, но значително го скратува периодот потребен за натурализација. Во Шпанија може да се поднесе барање по една година легален престој, Германија бара три години престој и најмалку две години брак, а Португалија дозволува државјанство по три години брак дури и без живеење во земјата. Во повеќето случаи, властите внимателно проверуваат дали бракот е вистински.
4. Стекнете го со легален престој
Ако немате европско потекло или брачен партнер од ЕУ, државјанството може да го стекнете со повеќегодишен легален престој. Ирска и Германија бараат пет години, додека Португалија од 2026 година го продолжи рокот на седум години за државјани на ЕУ и земјите од португалското говорно подрачје, односно десет години за другите.
Покрај престојот, во повеќето земји се бара познавање на јазикот и успешно положен тест за државјанство.
5. Наследете го од местото каде што сте родени
Неколку земји од ЕУ овозможуваат стекнување државјанство врз основа на раѓање, но најчесто само ако се исполнети услови поврзани со престојот на родителите. Германија, Франција, Италија, Шпанија и Португалија имаат различни правила, па затоа условите зависат од конкретната држава.
Секоја земја од ЕУ го задржува и дискреционото право да додели државјанство по заслуга, што се користи за натурализација на луѓе кои носат исклучителна вредност во науката, спортот, културата или јавната служба, при што не се бара никаква инвестиција или престој. Ова опфаќа само мал број луѓе годишно и ретко е нешто за што можете директно да аплицирате, па затоа повеќе наградува минати постигнувања отколку што може да биде дел од некаков план.
Извор:
Imidaily.com
Фото: Magnific