Според податоците од Државниот завод за статистика, во средните училишта има шест до седум пати помалку ученици Роми отколку во основните, па медијаторите ќе треба да им го олеснат образовниот процес и да го намалат процентот на ученици што ги напуштаат училиштата.
Ангажирање образовни медијатори за учениците Роми кои потекнуваат од социјално загрозени семејства или подолго време се надвор од образовниот систем се предвидува во новиот предлог-закон за средно образование. Предлагач е Министерството за образование и наука, а текстот беше утврден на владина седница одржана на 16 јануари годинава. Доколку законот биде донесен, ова ќе биде првпат државата да ангажира образовани медијатори за Ромите во средните училишта, додека во основните веќе ги има четириесетина кои обезбедуваат дополнителна поддршка за учениците во општините со поголем број деца од ромската етничка заедница.
Според податоците од Државниот завод за статистика, во средните училишта во земјава има шест до седум пати помалку ученици Роми отколку во основните. Во бројки изразено тоа значи 10.256 ученици во сите основни училишта во учебната 2021/22 во споредба со 1.525 средношколци истата година. Од ова се заклучува дека иако средното образование е задолжително, најголем дел од Ромите не продолжуваат со образовниот процес по завршувањето на деветтолетката.
- Позитивно го оценувам обидот да се воведат образовни медијатори во средните училишта. Кога бев на факултет, имав ментор со таква намена, но беше ангажиран преку проект. Едно е тоа да биде на ограничен рок, а друго е кога ваквата поддршка ја воведува државата. Образовните медијатори ќе ги охрабрат ромските ученици, ќе им помогнат полесно да се вклопат во училиштата. Учениците ќе бидат поупатени, нема да се чувствуваат отфрлени. Тие ќе бидат медијатори ако средношколците имаат одредени проблеми со училиштето, наставниот материјал, соучениците. Тоа ќе им го олесни образовниот процес - вели Фатма Бајрам Аземовска од Здружението за развој на ромската заедница „Сумнал“ од Битола.
Предлог-законот за средно образование предвидува образовниот медијатор да презема активности за подобрување на информираноста за можностите и пристапот до средните училишта, да спроведува редовни средби за сензибилизација на населението и вработените во средното училиште со спецификите и потребите на ранливите групи во делот на образованието. Потоа, редовно да соработува со стручните соработници и наставниците за подобрување на постигнувањата на учениците и да презема активности за намалување на напуштањето на воспитно-образовниот процес од страна на учениците.
Потребата за ангажирање образовен медијатор ќе се врши на барање на училиштето во кое е запишан ученикот. Образовните медијатори ќе се ангажираат по пат на јавен повик, кој го објавува Министерството за образование најдоцна до 1 октомври во тековната година. За изборот на образовни медијатори, министерот ќе формира комисија составена од пет члена, од кои три члена од редот на вработените во МОН, еден претставник од Бирото за развој на образованието и еден претставник од граѓанските организации кои работат на унапредување на правата на Ромите.
Инклузијата на учениците Роми во основните училишта веќе ја потпомагаат 40 образовани медијатори, припадници на ромската етничка заедница. Меѓу критериумите за нивен избор беа да се невработени, да се Роми со завршено најмалку средно четиригодишно образование, да се со развиени комуникациски и компјутерски вештини, да имаат искуство од работа на терен со ромската заедница и да бидат препознатливи во заедницата во која работат.
Деновиве и научноистражувачкиот проект на Институтот за педагогија при Филозофскиот факултет на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ укажа на потребата од тутори во текот на студирањето на лица од ранливи категории во високото образование.