X
 22.11.2017 Образование

Џунгла во училницата


Деца се препираат
(Фото: Getty images)


Извештаите за насилството меѓу врсниците во училиштата не само што вознемируваат поради бруталноста на малтретирањето туку и поради реакцијата на „публиката“, која или е рамнодушна или навивачки го поттикнува малтретирањето на некој другар или другарка. Чинот на малтретирање и односите во рамките на групата врсници се за осуда.

Бруталното малтретирање секогаш е израз на непријателски однос, кој е мотивиран или од омраза или од презир кон другиот. Насилството меѓу врсниците треба да се сфати како последица или симптом на едно подлабоко нарушување – непријателство во групата на врсници.

Кога се фокусираме на насилното однесување, се фокусираме на симптомот. Затоа е добро да се подигнува свеста за разните облици на малтретирање, да се означува како крајно неприфатливо поведение, да се забранува и казнува, но не е доволно.

Вистинско решение е она што е насочено кон односите во групата на врсници, кон намалување на непријателските, а зајакнување и изградба на добри, пријателски односи особено меѓу врсниците од едно исто одделение.

Владеење на „посилниот“ или „полудиот“


Кога детето тргнува на училиште, тоа сè уште не е доволно социјализирано, и токму идните искуства во текот на школувањето и функционирањето на одделението треба да му помогнат да се социјализира. Во тој сегмент, училиштата сè повеќе се фокусираат на образовната, на штета на воспитната функција.

Кога во одделението ќе се сретне недоволно социјализирана група на деца, тие меѓу себе установуваат групна динамика на „владеење на посилниот“. Така формираната групна хиерархија на врвот го носи оној што е најсилен (означен како алфа), додека на пониските нивоа се наоѓаат послабите членови, па сè до дното, каде што се најслабите (означени како омега). Во групата односите се засноваат на страв од насилството на посилниот, или „полудиот“ – па поединците се потчинуваат на посилниот, а ги подредуваат под себе помалку силните. Членовите на групата се себични, не воспоставуваат односи на почитување, сочувство или емпатија. Алфа-момчињата се закануваат со насилство, а алфа-девојчињата застрашуваат со интриги, отфрлување или исклучување.

Ваква групна хиерархија, која се заснова на пирамида на моќта, наоѓаме во глутниците на одредени животински видови. Иако во нив постои чувство на припадност кон групата, воспоставените односи не се пријателски, туку се движат од пасивно непријателство кое се изразува како рамнодушност кон страдањата на друг член од групата до активно непријателство кое подразбира некаков вид агресија мотивирана од презир или омраза.

Владеење на правичноста


Кога поединците во групата се доволно социјализирани, тогаш групата веќе не е собир на поединци што меѓусебно се борат за статус, туку таа е уредена според принципот на „владеење на правичноста“. Тогаш во групата повеќе не е важно кој е посилен, а кој послаб, туку е важно кој е во право, а кој не е; што е фер, а што не е фер. Членовите на групата се поистоветуваат со другите членови; важни се еден за друг, важно им е како се чувствуваат другите, изразуваат сочувство, емпатија и ги уважуваат потребите на другите. Накратко кажано, тоа е група во која преовладуваат пријателски односи, што не значи дека секој е пријател со секого.

И во ваква група може да се случат конфликти, па и физички пресметки. Но постојат две битни разлики во однос на непријателската група. Првата е што при конфликтните ситуации доминантна емоција е лутината, а не непријателски чувства како презир или омраза. Затоа и во случај на физичка пресметка, применетата сила нема квалитет на бруталност. Другата е што членовите од групата што не се вклучени во конфликтот активно дејствуваат разделувајќи ги, штитејќи ја жртвата и осудувајќи го членот кој бил неправичен или насилен.

Иако социјализацијата на групата не е брз процес, таа е главниот механизам за борба против насилството меѓу врсниците. Придружена со подучување на ненасилни методи за разрешување конфликти, со медијација од врсниците или со слични постапки, може да се добијат посакуваните резултати не само во спречување на насилството меѓу врсниците туку и во градењето одговорни, самостојни и функционални возрасни лица.


Автор: Зоран Миливојевиќ
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование