X
 24.11.2017 Образование

Учителката се памети до крајот на животот

„...Не знам за вас, но знам дека јас помнам само неколку имиња на наставници и професори кои со години, трпеливо и посветено, ме учеле во животот и за животот... Она што добро го паметам се имињата на моите две учителки, едната од прво и второ, а втората во трето и четврто одделение...

Зошто учителката е лице на чие име се сеќаваме по толку децении со толку многу топлина? Која е таа? Што претставува? Поради што учителката секогаш и повторно е само „моја“, а сите други се „наши“? ...Се сеќаваме на многу наставници и професори, имаше и строги, праведни, неправедни, благи, незаинтересирани, завидливи, топли, некои беа полни со разбирање. Секој од нив има барем мал удел во она што сме и кои сме денес, но повторно ни останува само учителката.

Учителката е првата личност после мајките, бабата, тетките која е само и единствено наша. Често потсетува на блиските роднини, на пример, бабите, за кои секое внуче тврди дека тоа е најсаканото за неа... Така е и со учителката. Нејзините вистински години и не се вистински, затоа што таа има онолку години колку што ние сме ѝ дале. Никогаш многу малку, никогаш премногу.

На учителките треба да им се забрани да стареат. Наше е да растеме, нивно е секогаш да бидат тука за нас.

Првиот контакт со училиштето е токму со учителката... таа нè дочекува пред училиштето и нè внесува во училницата, и почнува да зборува... Не се сеќаваме што зборувала. Но мора да било нешто убаво. Има нешто смирувачко во тоа што ни го вели учителката...

Кога ќе тргнеме на екскурзија, таа знае кој сè уште се мочка во кревет, но ни за жива глава тоа нема да го каже на друг. Таа знае кое дете ноќе плаче по мајка си, кое мора со себе да го има своето мече, кое не умее само да си ја измие косата, на кое мора да му даде чисти гаќички за да не се врати дома со истите со кои тргнало... Знае кој не сака да носи капа, кој е алергичен на некоја храна, а кој на убод на инсекти...

Таа нè учи како се негува другарството.

„Кога некој е болен, јавете му што имаме за домашно. Ако некој ја заборавил гумичката за бришење на училиште, вратете му ја. Смееш да позајмиш линијар, но не смееш да го земеш без да прашаш. Нема причина да го влечеш девојчето што ти се допаѓа за коса, нема да те сака, па тоа ти е. Кога се дружат три другарки не можат две да бидат „вистински“, а третата – резерва. Другарството е другарство...

Нè научи бројки, букви и на некои поими кои изгледаа многу едноставни пред да тргнеме на школо. Зошто се вика „линија на хоризонт“?  Таа знае...

На секој од нас му ги знае името, презимето, роденденот, домашната слава, ги знае нашите родители, умее и нив да ги искара ако нешто погрешно нè научиле. Но знае и да пофали. Ретко е налутена, а кога е, за тоа има причина. Таа не е супержена, таа е само учителка. А тоа значи многу.

Знаевте ли дека и учителките имаат свои семејства и свои деца? Имаат. Мудро ги држат во втор план, познавајќи ја нежната детска душа. Би можело да се појави и малку завист ако децата сфатат дека учителката сака и некој друг...

Времињата се менуваат. Учителките остануваат онакви какви што ги паметиме и какви што ги затекнуваат новите првачиња. Нешто сепак се променило. Ние!

Престанавме да ги учиме децата да се бранат, а не да напаѓаат, го толерираме кај своите деца она што некогаш ни смета кај туѓите, се караме на родителските средби, се натпреваруваме чие дете е подобро, ги тужиме другите деца и нивните родители, а притоа се правиме слепи, неми и невешти кога ќе забележиме дека некое дете е злоупотребено дома или го злоупотребуваат истите деца што со него ја делат школската судбина... ’Не е можно‘, ќе кажат повеќето родители. ’Малечки се за да злоупотребуваат друг.‘ А да ги прашаме тие другите и да реагираме кога учителката ќе ни обрне внимание за тоа?...

Во овие времиња учтелката е изложена на сè поголемо незадоволство од страна на родителите, лесно станува ’екран‘ за проекција на сите нивни незадоволства, некогаш и децата ѝ се обраќаат на непристоен начин, говорејќи го она што го слушаат дома. Од некои работи тешко се бега, особено од оние што децата ги усвојуваат имитирајќи ги своите родители. А како што ’непријателот‘ секогаш е надвор, така и вината секогаш се бара во другите. Не во нас.

Поради сето ова, учителката останува некој чие име се памети цел живот. Веројатно последното име на некој возрасен човек што толку многу значел и на таков начин се грижел, бил сакан и сакал, со сигурност. Дури и да не сме го запаметиле името, тоа е универзално – Учителката.


Пишува: Весна Брзев-Ѓурчиќ, психоаналитичар
Подготвил: Б.Б.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование