X
 18.04.2019 Технологија

„Фејсбук“ среде нов скандал - без одобрение ги украл контактите на 1,5 милион корисници

„Фејсбук“ повторно се најде среде скандал. Како што откриле експертите за компјутерска безбедност, од мај 2016 година „Фејсбук“ неовластено ги презел имениците на 1,5 милион нови корисници.

На новите корисници, заедно со многу лични податоци, при регистрирањето на оваа социјална мрежа од нив ја барал и лозинката од е-поштата. Како што објаснуваат од компанијата, тие само сакале да го потврдат нивниот идентитет.

Но, наместо да го потврдат идентитетот на новиот корисник, ги „украле“ неговите контакти. Кога корисниците ја напишале својата лозинка, „Фејсбук“ почнал да ги вчитува нивните контакти во својата база. Експертите ја осудија оваа практика, особено затоа што биле вчитувани контакти без претходно одобрение на корисникот.

За работата да биде уште полоша, „Фејсбук“ призна дека незаконски ги презел контактите, ги зачувал во своите бази и потоа ги користел за да го подобри својот систем на таргетирано рекламирање, препорачувал потенцијални пријатели и изградил сопствена мрежа.

lozinka
Фото: Screenshot/Business Insider

Корисниците отсекогаш ја имале можноста за вчитување на нивните именици и контакти, но со нивно одобрение. Во мај 2016 година е избришан дијалогот во кој корисникот се прашува дали сака да го вчита именикот, но не и вчитувањето.

Од „Фејсбук“ најавуваат дека во текот на наредните неколку дена ќе ги информираат оштетените корисници и ќе ги отстранат нивните контакти од системот. Исто така, додаваат дека корисниците можат сами да видат и да одлучат кои контакти ќе ги споделат со „Фејсбук“.

Треба да влезете во вашиот фејсбук-профил и да кликнете на „Contacts“, да прегледате кои контакти се вчитани. Избришете ги оние што не сакате да ги споделувате со „Фејсбук“.

На истото место можете да проверите и кои контакти се вчитани преку апликацијата „Фејсбук Месинџер“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија