X
 18.04.2022 Наша тема

Дело на Да Винчи од средношколците од Битола и од Кутонс за „цела“ Европа

25 средношколци од Франција беа во посета на гимназијата „Јосип Броз-Тито“ од Битола, престојуваа во домовите на врсниците и ја запознаа македонската култура, традиција, храна, образование, но и слобода на излегување

Витрувијанското тркало, инспирирано од еден од генијалните нацрти на Леонардо да Винчи, е ново уметничко дело кое ја краси гимназијата „Јосип Броз-Тито“ во Битола. Делото е заедничка изработка на средношколците од битолската гимназија и 25 ученици од „Тома Песке“ од Кутонс, Нормандија, Франција.

Тие, преводени од тројца професори, од 1 до 8 април престојуваа во Битола. Младите Французи ги изработија дрвените делови од креацијата, а битолчаните на нив ги впишаа универзалните пораки и симболи за мир, пријателство и иднина на Европа. Карактеристика на делото е што доколку недостига само еден дел од композицијата, кругот на Леонардо не може да опстои.



- Пораката и идејата на младите беше дека Европа не може да напредува без сите нејзини делови и дека само преку заеднички поглед кон иднината, почитување на различностите, се обезбедуваат сегашноста и иднината - вели професорот по историја Иљо Трајковски, претседател на Француската алијанса и носител на ова партнерство меѓу двете гимназии.



Младите Французи воодушевени од слободата на излегување кај нас

Учениците од Кутонс по петти пат беа гости во Битола како дел од традиционалната повеќегодишна соработка меѓу двете училишта. Престојуваа во домовите на битолските гимназијалци од втора година кои го изучуваат францускиот како втор странски јазик. Нашите ученици за време на дружбата имаа можност да го усовршат јазикот преку конверзација, да стекнат нови сознанија за Франција, а врсниците од Кутонс - да се запознаат со македонската традиција, култура и образование.

Евгенија Маслинко беше една од битолските гимназијалки што во својот дом угости средношколка од Кутонс. Нејзе ѝ се допаднал престојот тука, па на заминување ѝ рекла: „Ја обожавам Македонија.“

- Она што мислам дека најмногу им се допадна е слободата која, за жал, ние недоволно ја цениме. Тоа е слободата за излегување навечер. Беа воодушевени од тоа како големиот дел од времето го поминуваме во дружби и собиранки. Таа можеби беше и најголемата причина за ветувањето дека повторно ќе дојдат. Дружбата беше навистина одлична, а она што ги „порази“ беше душевната топлина што вирее на овие простори. Мене лично ми претставуваше огромно задоволство да угостам дете од Франција и да сум дел од овој проект, и никогаш нема да ја заборавам реченицата што ми ја кажаа последниот ден, а тоа е: „J'adore la Macédoine (Ја обожавам Македонија) – раскажува Маслинко.



Понесоа многу спомени, но и храна на заминување за Франција


Во текот на престојот беше организирана богата програма. Во Крушево учениците од „Јосип Броз-Тито“ на француски јазик ја претставија историјата за Крушевската Република. Во Битола ги посетија Исак џамија, црквата „Св. Димитрија“, Офицерскиот дом, Народниот театар каде што се изведе претставата „Мајки“ работена по текст на француски автор. Потоа Охрид, па Пелистер со Историската патека од Првата светска војна. Се одржа и церемонија на Француските воени гробишта, на која учениците им оддадоа почит на загинатите млади луѓе од сите војски на Македонскиот фронт.

- Огромен интерес кај учениците и наставниците од Кутонс предизвика посетата на пробата на КУД „Илинден“. Беа воодушевени од големиот број млади кои со голема љубов и посветеност ја чуваат традицијата, културата, музиката и песната - вели професорот Трајковски.



Не останаа рамнодушни ни кон македонската кујна, храна понесоа за дома.

- Имаа позитивни забелешки во врска со тоа колку јадеме благо. Нивната отвореност кон пробувањето нови работи не потфрли и, според кажувањата на моите соученици, беа целосно задоволни. Мојата гостинка имаше можност да вкуси голем број македонски специјалитети: сарми, тавче-гравче, ајвар, кој ѝ остави најсилен впечаток... во прилог со вкусно домашно црно вино. Согласно нашата традиција, не ги оставивме празни и за Франција им испративме разни јадења, традиционалните мазници, алва, ајвар - додава Евгенија.

Кога историјата гради мостови на соработка

Соработката со регионот Нормандија датира од 2009 година, кога група наставници по историја беа гости во битолската гимназија. Беше договорена соработка за одбележување на 100-годишнината од Првата светска војна (1914-1918), во чии рамки на Македонскиот фронт се бореа и загинаа многу француски војници кои почиваат на воените гробишта во Битола. Првата образовна соработка беше воспоставена со училиштето „Жан Мармоз“ од градот Вир, а потоа со поддршка на професорот по историја Емануел Луплуме, кој продолжи да работи во Кутонс, беше продолжена соработката со училиштето „Тома Песке“. Ова е поддржано од децентрализираната соработка на Нормандија со Македонија, поддржана од Министерството за надворешни работи на Франција.



Во изминатите години со професори и ученици од Франција беа истражувани рововите, бункерите и скривниците останати од Македонскиот фронт. Беа објавени две книги во Франција, реализирани неколку изложби во Нормандија, на кои беа претставени и страдањата на македонското население и градот Битола во текот на војната. Досега над 300 битолски ученици и десетина професори престојуваа во Франција и толкав број ученици оттаму дојдоа во Македонија.

- На почетокот од мај група од 33 ученици и тројца професори ќе патуваат за Франција, каде што треба да се започне со новиот циклус на размени, да се разгледаат сите идеи за соработка, да се посетат музеи, локалитети, градови за кои се учи на часовите по историја. Овие размени, соработката и пријателството со училиштата во Нормандија се голема можност за нашите ученици и големо богатство кое треба да се негува - рече професорот Трајковски.

Фото: приватна архива
Подготвил: Жанета Здравковска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема