X
 06.04.2023 Живот

Колкави се платите во регионот, а колкави во Македонија?

Политичарите често ги користат податоците за просечната плата кога зборуваат за сопствените успеси или за неуспесите на претходните влади.

Во земјите на Балканот политичарите „се расфрлаат“ со овие бројки особено за време на изборните кампањи.

Во некои земји на Балканот просекот и понатаму е под 500 евра, додека во некои е трипати поголем.

Словенија и Хрватска се на првото место со просечна заработка поголема од 1.000 евра, додека во Албанија и Косово работниците и понатаму имаат просечна плата под 500 евра.

Колкави се просечните плати во регионот?


Словенија - 1.480 евра
Хрватска - 1.029 евра
Црна Гора - 721 евро
Србија - 668 евра
Босна и Херцеговина - 602 евра
Македонија - 537 евра
Албанија - 437 евра
Косово - 432 евра

Податоците за просечната заработка не се идеален показател за животот во една земја бидејќи често се вадат од малцинството со високи плати. Најмногу зависи од дејноста, па така, ако работите во кожната индустрија во Хрватска, платата е околу 640 евра, малку повеќе од просечната плата во Босна и Херцеговина која изнесува 602 евра.

Од друга страна, доколку сте во индустријата за производство на пијалаци во Хрватска, просечната месечна плата е 2.070 евра.

Во Косово, највисоките плати се во индустријата за снабдување со струја, гас, пареа и климатизација - 949 евра и во индустријата за информации и комуникации - 757 евра.

Најниската просечна плата во Косово е во индустријата за објекти за сместување и сервисни дејности со храна - 281 евро.

Доколку преработувате дрва во Србија, просечната нето-плата е 392 евра. Ако работите во индустријата за компјутерско програмирање, тогаш просечната плата е 2.186 евра.

Доколку работите во индустријата за информации и комуникации во Македонија, тогаш просечната плата е 1.106 eвра.

Што претставува просечната плата?


Во пресметката на просечната плата е вклучен и надоместокот за работниците кои имаат заснован работен однос, како и за оние што се ангажирани врз основа на договор за вршење привремени и повремени работи.

Работниците ангажирани со договор за работа не се вклучени во оваа пресметка бидејќи работодавецот не поднесува даночна пријава за нив.

Кога се користат податоците за просечната заработка како показател за животниот стандард, неопходно е да се внимава.

Како што објаснува економистот Мирослав Здравковиќ за Би-би-си, просекот извлекува мал дел од оние што заработуваат многу високи суми.

Сликата за тоа каков е стандардот во една земја може да е појасна ако ја погледнеме медијаната. За медијаната може да се каже дека е среден износ на платите, бидејќи го дели множеството вработени на два еднакви дела, така што половина добиваат помалку, а половина добиваат повеќе од тоа.

Извор: ВВС
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот