X
 18.05.2018 Образование

Позитивни УКЛО-искуства

Илија Бузлевски е дипломиран инженeр технолог нутриционист – магистер на катедрата за квалитет и безбедност на храна, поборник за здравиот начин на исхрана и дел од истиот, како и истражувач во областа на нутриционизмот како нова научна дисциплина кај нас.

Моментално вработен во сопствен центар за здрава исхрана ИН -10 во Ресен.

Учесник е на многубројни семинари и конгреси од областа на здравата храна и здравиот начин на исхрана, како и во делот на квалитетна и безбедна храна во и надвор од нашата земја, а воедно и претставник на нашата држава надвор од нејзините граници со голем број научни трудови.

ilija

Кој беше предизвикот да се занимавате со нутриционизам?

- Нутриционизмот, покрај тоа што е егзактна наука, во исто време е и уметност, со која им се помага на луѓето да ја добијат посакуваната телесна тежина и да добијат убаво оформено тело, а воедно да го зачуваат и унапредат најголемото богатство што го поседуваат – здравјето. Воедно нутриционизмот е и хумана дејност будејќи им помага на многу болни при нивното лекување, а притоа се постигнуваат многу добри резултати.

Стручност, уметност и хуманост, сето тоа споено во едно, зарем може да има поголем предизвик?

Кажете ни нешто повеќе за факултетот на кој сте ги завршиле додипломските и постдипломските студии?

- Технолошко-техничкиот факултет - Велес  е образовна научноистражувачка институција од областа на прехранбената технологија и биотехнологија и нутриционизам во рамките на универзитетот „Св. Климент Охридски“ - Битола. односно Технолошко-техничкиот факултет во Велес –дисперзирани студии во Битола е нова единица на битолскиот факултет и е формирана во 2008 година, и од неговото основање врши високо образовни дејности – додипломски студии, како и научноистражувачка и применувачка дејност од научните полиња на прехранбената технологија, биотехнологија и нутриционизам. Во 2009 година во рамките на овој факултет почнаа да функционираат и постдипломските студии од кои бев дел и јас, а во 2015 година факултетот доби и акредитација на докторски студии. Со отворање на оваа високообразовна единица во состав на УКЛО се етаблира факултет кој е комплетно фокусиран на едукација на инженерски кадар од чии редови произлегоа и произлегуваат студенти, магистри, кои благодарение на нивното факултетско знаење, успеале да се докажат во полето на технологијата и нутриционизмот.

ilija

Често се пишува и зборува за позитивната страна на добро избалансирана и правилно комбинирана исхрана. На кој начин Вие го потврдувате тоа во Вашата практика и воедно се залагате?

-  Можам со сигурност да ви потврдам дека преку моето работење дојдов до заклучок дека правилната исхрана и правилно избалансираните комбинации на храна неминовно и без исклучок позитивно влијаеле врз психофизичката состојба на сите оние што ја применувале во покус или подолг временски период преку индивидуални програми за исхрана изработени од моја страна.

Врз кои принципи се раководите при изработка на како што ги нарекувате индивидуалните програми за исхрана на Вашите клиенти?

- Пред да се изработи ваква стручна програма се прави разговор со секој клиент за неговата здравствена состојба и потоа врз основа на антропометриските податоци, односно параметри  и биохемиско лабораториски анализи се пристапува кон изработување на соодветна програма на исхрана базирана на претходно земени параметри и секако вчитани лабораториско биохемиски анализи. Изработената програма е стручно индивидуална за секој клиент, бидејќи секој клиент има посебни цели, посебни физички параметри, посебни навики, и секако посебен клиничко биохемиски статус. Само на таков начин изработена програма за исхрана од стручно лице со високо образование може да биде од полза за оној за кого е наменета. За други таканаречени диети, нестручно изработени и од неовластени лица, не би се изјаснувал, само имам морална и професионална обврска да нагласам дека таквите таканаречени диети можат да дадат и тоа како сериозни нарушувања во организмот со големи последици. Намалувањето на телесната тежина треба да биде строго регулирано, планирано и контролирано по научни стандарди, во определени периоди.

На почетокот спомнавте дека работите на полето на истражувањето - кажете ми во што се огледа вашата истражувачка работа?

- Најконкретно мојот магистерски труд беше и во моментов е прв ваков труд во Македонија кој гласи НАПРЕДНА СТАТИСТИЧКА АНАЛИЗА НА ПОДАТОЦИ, ПРЕД И ПОСЛЕ СПРОВЕДЕНА ДИЕТА СО КВАЛИТЕТНА ХРАНА КАЈ ЛИЦА СО ПРЕКУМЕРНА ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА“ каде што врз основа на релевантни клиничко биохемиски истражувања пред, за време и по спроведената програма за исхрана кај клиентите со здрава и правилно избалансирана исхрана, односно комбинации на здрава и безбедна храна се докажа исклучиво позитивниот ефект врз психофизичкото здравје на клиентите.

Дали спроведувањето диета значи гладување и дали до убаво тело мора да се дојде на тежок начин?

Во никој случај барем јас не сум слушнал од луѓето што доаѓаат кај мене дека им е тешко – напротив. Целта на стручно изработена програма за исхрана е клиентот додека е на таа индивидуална програма за исхрана да не чувствува глад, туку напротив да биде најаден, а воедно и да ја постигне својата идеална телесна тежина. Во овие програми за исхрана го има сето она што му е потребно на организмот за нормално функционирање. Тоа е комбинација на здрава храна во сооднос и количина за да ја постигне целта за што е и направена. Преку овие програми за исхрана луѓето отфрлат многу лоши навики во исхраната, а ги заменуваат со здрави навики. Со тоа многу си придонесуваат за своето здравје.

Во Вашето изјаснување се гледа дека работите со многу ентузијазам и имате сопствени визии за Вашето знаење како да го пренесете на пошироката популација, а во интерес на нивното здравје, од каде ја црпите таа мотивација, односно инспирација и енергија?
                 
- Моите солидни знаења што ги стекнав на Технолошко-техничкиот факултет – Велес ми беа несебично пренесени од стручни професори кои со својот ентузијазам своето знаење го пренесуваа врз нас. Јас настојувам да бидам промотор на идејата за користење здрава и безбедна храна бидејќи задоволство е да се гледаат задоволни и среќни луѓе кои се дел од мојот центар за здрава исхрана  ИН – 10 Ресен, па оттука можам да препорачам, а воедно и да насочам дека оваа гранка, односно овие студии се студии на иднината бидејќи сите знаеме дека здравата храна и здравиот начин на исхрана земаат сѐ поголем замав во ова општество  и со сигурност можам да кажам дека голем број идни студенти ќе ја препознаат оваа гранка и заедно со нас веќе дипломираните студенти ќе им помагаат на сите оние клиенти што од нив ќе побараат стручна помош.

И за крај изреката вели - јадеме за да живееме, а не живееме за да јадеме, нели?

 Да, изреките носат со себе многу позитивни пораки. За да успееме во животот, покрај другото, треба иницијатива, упорност и енергија, а таа доаѓа преку исхраната. Затоа луѓето треба здраво да се хранат, да одвојат време за повремени физички активности, да бидат позитивни и добивката кон нивното здравје ќе биде огромна.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование