Под површината на Супсахарска Африка се одвива процес кој, за неколку милиони години, би можел целосно да ја промени мапата на светот. Геолозите откриле јасни докази дека африканскиот континент полека, но сигурно се дели на два дела, а епицентарот на оваа тектонска промена се наоѓа во Замбија.
Научен тим предводен од професорот Мајк Дејли од „Оксфорд“ анализирал гасови што излегуваат од термални извори во процепот Кафуе. Резултатите се изненадувачки - изотопите на хелиум потврдуваат дека овие гасови доаѓаат директно од јадрото на Земјата, од длабочини до 160 километри. Тоа значи дека пукнатината во Земјината кора не е површинска, туку ја „пробила“ целата литосфера.
На повидок нов океан
Овој подземен расед е дел од огромен систем долг околу 2.500 километри кој ги поврзува Танзанија и Намибија. Научниците веруваат дека сме сведоци на самиот почеток на создавањето нов океански басен.
- Она што го гледаме во Замбија е геолошки „жив“ процес. Земјата буквално дише низ овие пукнатини, исфрлајќи магматски течности кои најавуваат раѓање на нова тектонска граница - објаснува професорот Дејли.
Иако одамна е познато дека Источна Африка (Кенија и Етиопија) полека се одвојува, новите податоци укажуваат дека раседот во Југозападна Африка би можел да биде „послаба точка“. Поради специфичната положба во однос на океанските гребени, експертите сметаат дека континентот полесно би можел да се раздвои на оваа линија.
Што значи ова?
Иако за формирање нов океан се потребни милиони години, ова откритие ја менува сликата за внатрешната динамика на Земјата. Африка повеќе не е единствена монолитна плоча, туку сложувалка што полека се раздвојува.
Научните екипи веќе се на терен и се обидуваат да предвидат каде ќе се појават првите вулкани и како ќе се менува релјефот на Африка во наредните векови.
- Сведоци сме на тивка, но моќна трансформација на планетата - заклучуваат истражувачите, чии наоди се објавени во научното списание „Фронтиерс ин ерт сајнс“.
Извор:
Euronews.rs
Фото: Freepik