На Земјата, според податоците од почетокот на 2018, живеат 7,6 милијарди луѓе, додека истовремено се произведува храна со која би можеле да се прехранат околу 20 милијарди. Покрај тоа, податоците од Обединетите нации од минатата година покажуваат дека во светот во 2017 имало 821 милион луѓе што умирале од глад или неухранетост.
Со други зборови, секој деветти жител на нашата планета не може секој ден да има храна на масата. ОН, односно петте организации што работеле на извештајот, а меѓу кои се и Светската здравствена организација и Организацијата за храна и земјоделство при ОН, наведуваат дека бројките се загрижувачки бидејќи една година порано бројот на неухранетите и гладните во светот бил помал за 17 милиони.
Алармантно е и тоа што во извештајот на ОН, кој се занимава со состојбата на прехранбената сигурност и прехраната во светот, се наведува дека бројот на гладните и неухранетите, особено деца, е во пораст веќе трета година по ред. Излегува дека светот ни малку не се променил на подобро од март 1993 година, кога е направена една од најпрепознатливите фотографии на светот.
Фото: Vecernji
Фотографијата ја направил фоторепортерот Кевин Картер во Судан, а набрзо откако ја направил станала популарна под името „Мршојадец и девојче“. Картер му ја продал на „Њујорк тајмс“, кој ја објавил на 26 март 1993 година, а набрзо фотографијата станала позната низ цел свет како симбол кој предупредува на проблемот со гладните деца.
Во 1994 година Картер доби Пулицерова награда за таа фотографија. Картер се самоуби. Во прошталното писмо наведе дека веќе не можел да живее со сликите од болка и патење, особено од гладните деца што секој ден ги фотографирал. За жал, 25 години по создавањето на фотографијата, сè уште има деца што умираат од глад, па ОН во извештајот наведуваат дека минатата година 151 милион деца помали од пет години имале заостанат раст поради неухранетост.
Во извештајот се додава и дека на светот има 151 милион неухранети деца, истовремено има 50 милиони деца што имаат проблеми со дебелината. Во однос на возрасните, со дебелината се борат 672 милиони луѓе, односно секој осми жител на нашата планета.
Најмногу гладни и неухранети живеат во Азија - вкупно 515 милиони. Потоа следува Африка, каде што има 256,5 милиони гладни или неухранети, потоа Јужна Америка и Карибите, каде што проблем со недостиг на храна имаат околу 39 милиони луѓе.
Како причина за порастот на бројот на гладни во светот ОН ги наведуваат климатските промени, при што се мисли на сè поекстремните временски услови кои резултираат со големи поплави и суши. Тука се и економските кризи и вооружените конфликти. Од ОН наведуваат дека во текот на 2017 година околу сто милиони луѓе живееле од хуманитарна помош.
Кога ќе се земат предвид сите наведени алармантни податоци, не е чудно што од ОН си зададоа цел до 2030 година да се искорени гладот во светот. Но, станува збор за многу амбициозен план кој во денешната глобализација и егоистично ориентиран свет е речиси невозможно да се
исполни.