X
 30.10.2019 Наука

Научници тврдат дека модерниот човек потекнува од Боцвана

Научниците ја одредија татковината на сите современи луѓе и тоа е место јужно од реката Замбеси во Африка.

Денес тоа е подрачје во кое доминираат солани, но некогаш на таа локација имало огромно езеро кое, според научниците, било во центарот на татковината на нашите предци пред 200.000 години.

Нашите предци, според откритијата на научниците, на тоа место живееле 70.000 години, сè додека не се променила локалната клима. Потоа почнале да се селат на плодните зелени површини, што довело до идните миграции од Африка.

- Веќе некое време е јасно дека анатомски модерниот човек се појавил во Африка пред околу 200.000 години. Она за што долго се дебатираше е точната локација на тоа појавување и последователната дисперзија на нашите најрани предци - истакнува Ванеса Хејс, генетичар на Институтот за медицински истражувања „Гарван“ во Австралија.

Сепак, нејзиниот заклучок предизвикува скептицизам кај другите истражувачи на тоа подрачје.

Подрачјето за кое станува збор се наоѓа во северниот дел од Боцвана. Истражувачите мислат дека нашите предци се сместиле во близина на огромно езеро во Африка познато како езерото Макгадикгади.

- Тоа е многу големо подрачје и би било многу влажно. Всушност, би било соодветно живеалиште за модерните луѓе и за дивечот - вели Хејс.

Откако таму поминале 70.000 години, луѓето почнале да се селат. Промените во климата во регионот довеле до миграциски бранови пред 130.000 и 110.000 години. Првите тогашни мигранти отишле на североисток, а вториот бран мигранти отишле на југозапад, додека трет дел од популацијата останал на истото место до денес.

Ова сценарио се базира на следење на човечкото фамилијарно стебло со користење стотици примероци на митохондриска ДНК од Африканци. Со комбинирање на генетиката и геологијата со компјутерските симулации на климатските модели научниците дошле до сликата за тоа како можеби изгледал африканскиот континент пред 200.000 години.

Студијата е објавена со списанието „Журнал“, но е пречекана со претпазливост. Еден експерт тврди дека не може да се реконструира целата приказна за потеклото на луѓето само од митохондриска ДНК.

Други анализи резултираа со различни одговори, а откривањето на фосилите посочува на потекло од Источна Африка.

Професорот Крис Стрингер од Природно-историскиот музеј во Лондон, кој не бил вклучен во студијата, вели дека еволуцијата на хомо сапиенсот била сложен процес.

- Не можете да земете митохондриска ДНК и нејзината дистрибуција за да реконструирате одредена локација за потеклото на модерниот човек - вели тој и додава дека не може само со разгледување на еден мал дел од геномот да се види целата приказна за нашето потекло.

Можеби имало многу татковини, а не само една.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука