Една од најголемите мистерии на пандемијата на коронавирусите е релативно ниската стапка на смртност во сиромашните земји во Африка и во Азија, и покрај намалените ресурси и слабиот пристап до здравствена заштита, во споредба со Европа и САД.
Стапката на смртност од вируси на овие два континента претставува само мал дел од она што се случува во Европа и САД во однос на смртноста. Ситуацијата претходно беше обратна во слични итни случаи во јавното здравство. Посиромашните области беа посилно погодени, како што е сега случајот во заедниците во САД каде што живеат малцинства или посиромашни семејства, се вели во обемниот извештај на „Њујорк тајмс“.
Докторката и наградувана научна писателка Сидарта Мукерџи во неодамнешната статија за Њујоркер ја нарече ситуацијата епидемиолошки детективски роман. „Њујорк тајмс“ реши да ја испита мистеријата и да излезе со можни објаснувања.
Дали станува збор за статистичка фатаморгана? Речиси сигурно не. Некои делови од примероци веројатно се резултат на слаб систем на пријавување смртни случаи од посиромашните здравствени системи. Но, многу епидемиолози веруваат дека примерокот одговара на реалните бројки.
На пример, поголемите градови во Индија водат статистика за вкупната смртност, без оглед на причината, и таа порасна помалку отколку во многу побогатите земји. Ваквите податоци посочуваат дека и Делхи и Мумабај имаат многу пониска стапка на смртност отколку САД, вели д-р Прабхат Јха, раководител на Центарот за глобално истражување на здравјето во болницата „Св. Мајкл“ во Торонто.
Во статијата Мукерџи ја опиша привремената болница изградена од локалните власти во сиромашната област Дарави во Мумбај - таа била затворена набрзо откако се покажало дека помалку луѓе умираат отколку што се очекуваше.
Познато е дека вирусот повеќе ги погодува постарите луѓе: повеќе од 80 отсто од сите смртни случаи во САД се постари од 65 години.
Низ
Африка и поголем дел од Азија населението е многу помладо. Се раѓаат повеќе деца, а други здравствени проблеми ги убиваат луѓето почесто пред да остарат. Во Супсахарска Африка само 3 отсто од населението е над 65 години. Во Пакистан само 4 отсто, во САД оваа бројка е 16 отсто, а во Европската Унија 20 отсто.
Фото: Freepik
Интересен е и друг фактор: домовите за стари и изнемоштени лица, во кои вирусот често избиваше со фатални последици, се многу почести во западните земји, но на друго место животот е вообичаен ве повеќегенерациски семејства каде што возрасните деца се грижат за своите родители.
Сепак, се чини дека возраста на населението не е единствениот одговор на оваа енигма.
Во посиромашните земји секојдневието главно се одвива надвор, а просторот за живеење се проветрува почесто бидејќи прозорците се отворени во најголем дел од времето. Познато е дека Ковид-19 се пренесува полесно и побрзо во затворен простор што е слабо проветрен.
Многу научници веруваат дека важен одговор лежи во фактот дека имунитетот не е ист насекаде. Ако претходните коронавируси беа позастапени во некои земји, имунитетот на луѓето во тие земји може да биде подобро подготвен за Ковид-19.
- Постојат многу индиректни докази, но сè уште немаме дефинитивен одговор - вели Салим Абдул Карум, јужноафрикански епидемиолог.
На сличен начин размислуваат и индиски научници, кои тврдат дека стапката на смртност е помала во земјите чие пошироко население е изложено на широк спектар на микроорганизми. Голем дел од асимптоматските инфекции во Индија се во согласност со оваа хипотеза, вели д-р Гагандип Канг, вирусолог од Велоре.
Ако оваа хипотеза е точна, може да помогне во објаснувањето на пониските стапки на смртност во Африка и во Азија отколку во Латинска Америка.
На пример, Руанда брзо и агресивно воведе мерки за физичко дистанцирање, носење маски и следење контакти, како и масовно тестирање. Некои азиски земји го направија истото. Гана, Виетнам и други земји воведоа ограничување за влез во тие земји. Конзорциум од африкански земји соработуваше на дистрибуција на заштитни маски и брзи тестови.
- Африка прави многу работи правилно, а остатокот од светот не - вели Гејл Смит, поранешен функционер од администрацијата на Обама.
Сепак, се чини дека ова не е главната причина за релативно ниската стапка на смртност од Ковид-19. Неколку азиски и африкански земји, вклучително и Индија, имаат многу поразновидни стратегии за борба против Ковид-19, исто како што е случајот во САД и во Европа.
Комплетниот одговор на оваа енигма, секако, вклучува повеќе објаснувања. Стотици илјади луѓе низ Африка и Азија починаа од оваа страшна болест, но многумина сѐ уште се живи од нејасни и чудесни причини истовремено.
Извор:
Jutarnji.hr
Фото: Freepik