X
 18.06.2019 Наша тема

Во стручните училишта се радуваат и на десет ученици, а гимназиите веќе ги пополнија местата

Полуматурантите уште денеска може да ги поднесат документите за упис во саканото средно училиште во првиот уписен рок. Вториот е на 24 и 25 јуни, а третото пријавување е на 1 јули


Иако кампањите за заживување на средното стручно образование даваат резултати, тоа не е и од далеку доволно за да се пополнат капацитетите на некои средни училишта. Очекувано, повеќето од гимназиите, медицинските и економските училишта се пополнети уште во првиот ден, а во стручните се радуваат и на едвај десеттина ученици.

„Уписот е зголемен за 100 проценти од лани. Годинава ни се запишаа дури 12 ученици“. Вака се пошегува со нас директор на средно училиште алудирајќи дека има ученици за разлика од лани, кога не дошол ниту еден, но дека бројката е сепак смешна ако се спореди со други училишта.



Различни профили во една училница

Директорот на средното хемиско училиште „Марија Кири Склодовска“ од Скопје, Блерим Небиу вели дека е задоволен од првиот уписен ден и дека годинава има поголем интерес за упис.
- Најатрактивни се здравствените струки, таму најмногу ученици се пријавија. Но, нема пријавени за тригодишните програми за болничар –негувател, па годинава можеби нема да се формира паралелка за оваа струка. Исто така помал е интересот и за насоката техничар за заштита на животната средина за кој исто така не сум сигурен дали ќе формираме паралелка. Во секој случај мислам дека сите кампањи за заживување на стручното образование даваат резултат. Ако се продолжи со ова темпо, сигурно ќе се подобри состојбата во следните години – вели тој.

Во средното машинско училиште „8 Септември“ се радуваат со бројката од дваесеттина запишани ученици во првиот ден. Ова е едно од училиштата кое е во голема опасност поради малиот број на ученици што се запишуваат.
- Не е некоја бројка за фалење, ама ако споредиме со лани, овој број го имавме после третиот уписен рок. На албански наставен јазик примивме 12 ученици, а на македонски 7. Добро е што првпат годинава имаме и одлични ученици. Ги стимулиравме и со стипендии од по 2.000 денари – вели директорот Кенан Асани.
Во ова училиште не може да се направи посебна паралелка за струките што ги нуди, па сите ученици учат во една училница, а се двојат само за стручните предмети.
- Моја проценка е дека до септември ќе имаме околу 45 ученици, бидејќи одбиените од други училишта доаѓаат кај нас.
Асани објаснува дека интересот за упис во средните стручни училишта е мал поради погубната државна уписна политика во последните 15 години.
- Упорно се форсираше само гимназиското образование, се правеа паралелки со по 35-40 ученици, а инспекторите молчеа. Добро е што се отвори ова прашање, па се прават и кампањи, но јас сум реален, мора и компаниите да го одврзат ќесето и да зголемат плати на работниците, да им овозможат подобри работни услови – вели тој.
Асани смета дека „8 Септември“ може да го спаси и дуално образование.
- Тоа значи нови наставни програми, работа, пракса во компании. Во преговори сме кај нас тоа да се реализира во 2020 година и искрено сметам дека тоа може да нѐ спаси од затварање – објаснува Асани.



Стручните ги очекуваат одбиените кандидати

- Вчера малку се разочаравме, се надевам дека денеска ќе има повеќе пријавени кандидати, а и дека ќе имаме поголем успех во вториот и третиот уписен рок.
Вака реагираше Елизабета Ангелеска, директорката на земјоделско-ветеринарното училиште „Браќа Миладиновци“ од Скопје, на нашето прашање како им помина првиот уписен ден.
На албански наставен јазик во ова школо се пријавиле 13 ученици. Пет, двајца, тројца, еден е бројката за секој образовен профил. За гимназискиот профил има само еден кандидат.
- Се надевам дека ќе се запишат уште во другите уписни рокови, за да формираме паралелки. Во спротивно ќе мора да ги споиме во една, па стручните предмети да ги учат одделно. Не знам што ќе правиме со гимнaзијата ако не се пополни. За македонски наставен јазик гимназија има двајца.
Вкупно за македонски наставен јазик се пријавени 18 ученици – вели Ангелеска.
Таа објаснува дека самото училиште правело многу кампањи за да привлечат ученици, школото има одлични услови за практична настава, но и дека мора да се направи нова државна стратегија за заживување на стручното обрaзование.

Гимназиите одбиваат ученици

Во средното електротехничко училиште „Михајло Пупин“ вчера се пријавиле 207 ученици, што е повеќе од лани. Директорот Димитар Ѓорѓиев вели:
- Верувам дека големо влијание имаше интензивната кампања „Одбери стручно - средно што е вредно“. Ова не е конечната бројка. До крајот на август очекувам барем уште 50 ученици – вели Ѓорѓиев.

Тој додава дека сè зависи од државата, правецот во кој сака да го насочи образованието и состојбата со стручните кадри. Ако се намалат бодовите и се зголеми бројот на паралелки во гимназиите – ќе трпи стручното образование.

Во „Михајло Пупин“ најголем интерес има за компјутерска техника и автоматика (122), електроника и телекомуникации (30), за паралелката на ЕВН (33), за енергетика (24).

Во гимназијата „Раде Јовчевски-Корчагин“ утрово веќе беше пополнета предвидената бројка од 262 ученика кои ќе бидат распоредени во осум паралелки. Беа пријавени 285 ученика. Директорот Драган Арсовски вели:
- Скоро 99 отсто од пријавените се со просек 5.00. Родителите утрово веќе ги повлекуваат документите на учениците кои имаат по некоја четворка во свидетелствата. Нема ников проблем, сè уште има слободни места во другите гимназии.
Иако учениците се насочуваат во трета година, сепак, најголем е интересот за природно-математичката насока. Според Арсовски, интересот за „Корчагин“ секоја година е голем поради добрата основа што ја добиваат учениците, па потоа без проблем се запишуваат дури и на Медицински факултет.

Интересот за стручното „Лазар Танев“ (угостителско-туристичка струка) е отприлика исто како лани. Директорката Слаѓана Трпкова-Салтирова вели дека тригодишните програми најголем е интересот за готвачи – се пријавиле 46 ученици. За слаткари документи поднеле 5, за келнери 6, а за пекари само 4 ученици. Во четиригодишните програми засега се запишале вкупно 34 ученици – 16 за угостителски техничар, 8 во билингвалната паралелка туристички техничар и 10 за новата програма анимации и настани.

- Слични се бројките во однос на минатата година. Сите се дефицитарни кадри, но проблемот не е во училиштето, туку во општеството. За поздравување е кампањата за промоција на стручното образование. Тоа нуди квалификувани работници на пазарот на трудот. Го следиме европскиот тренд во однос на програмите кои се менуваат и стануваат поатрактивни. Се зголемува праксата, а веќе од септември почнуваме соработка со компании кои ќе нудат вработувања – вели Трпкова-Салтирова.
Подготвил: Весна Ивановска-Илиевска/Милена Атанасоска-Манасиева

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема