X
 18.06.2021 Наша тема

Ова се средните училишта во кои ќе има квалификационо тестирање

Во училиштата каде што се пријавуваат поголем број ученици кои ги исполнуваат предвидените услови, се организира квалификационо тестирање, по наставниот материјал од осмо и од деветто одделение

Денеска заврши и последниот ден во кој полуматурантите можеа да поднесат документи за упис во училиштата во средното образование. Како што е предвидено со конкурсот за упис, во училиштата каде што се пријавуваат поголем број ученици кои ги исполнуваат предвидените услови, се организира квалификационо тестирање по наставниот материјал од осмо и од деветто одделение. Вакви тестови ќе полагаат кандидатите во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“, како и во гимназијата „Георги Димитров“.

- За 238 слободни места за гимназија, кај нас се пријавија 280 кандидати. Но, ќе има елиминација по бројот на поени. Квалификационен тест за упис ќе се полага само за германската паралелка - информира директорот Саша Стојменов.

Маја Салиу, директорката на средното медицинско училиште, вели дека квалификационен тест ќе полагаат кандидатите што се пријавиле за насоката медицински сестри на албански наставен јазик.

- Сè уште не можам да кажам колку точно кандидати се пријавија кај нас бидејќи податоците се обработуваат, но многу е извесно дека тест за селекција ќе има кај медицинските сестри на албански наставен јазик. Тестот ќе се реализира на 21 јуни, а ќе бидат тестирани за биологија и хемија од осмо и од деветто одделение - информира директорката.

Иако гимназијата „Орце Николов“ важи за училиште во кое има голема конкуренција, годинава, по четирите дена од првиот уписен рок, останале дваесетина слободни места.

- Кај нас нема да има квалификационо тестирање. Мислам дека оваа бројка на пријавени се должи на тоа што децата можеби се исплашија дека кај нас ќе има токму ваков тест за селекција, па тоа ги одврати од намерата да поднесат документи - смета директорот Митко Димовски.

Инаку, годинава првпат во средното стручно образование има т.н. дуални паралелки, согласно потребите на компаниите во градовите во кои тие се отвораат. Преку кампања, целта на Министерството за образование и наука (МОН) е да им се доближи на учениците работниот процес и да најдат полесно работа откако ќе завршат со образованието. Во стручните училишта, од она што го кажуваат директорите, интересот годинава бил зголемен во споредба со минатите години, па неофицијално некои од нив коментираат дека тоа е резултат токму на оваа кампања.

Учениците што се пријавиле во поголем број од планираниот ќе полагаат квалификационен тест по наставниот материјал од осмо и од деветто одделение по следните наставни предмети: за гимназиско образование - мајчин јазик и математика, за здравствена струка - биологија и хемија, а за другите струки - мајчин јазик и математика. Во средното уметничко образование (музичко, балетско и ликовно), спортската гимназија, училиштата утврдуваат дополнителни критериуми.
Подготвил: Антонија Поповска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема