X
 18.08.2019 Наука

Во снегот во најзафрлените делови на светот е откриено загадување со микропластика

Во текот на изминатите неколку години микропластиката се појави во океаните, во питката вода и во животните. Сега на листата на места каде што е откриено загадување со микропластика може да се додаде и снегот на Арктикот и на Алпите.

Експерти од Институтот „Алфред Вегенер“ и од швајцарскиот Институт за истражување на снег и лавини откриле честички на микропластика како се транспортираат во атмосферата и потоа со снегот паѓаат на планините. Како резултат на овој процес, загадувањето со пластика се јавува и на Арктикот и на Алпите.

Микропластиката се формира преку разградувањето на пластичниот отпад и најмалите делчиња се познати како микропластика. Добро е познато дека овие фрагменти завршуваат во морската вода и морските организми што ги апсорбираат. Но, истражувачите велат дека досега многу малку работи се направени во однос на тоа колку честички микропластика завршиле во атмосферата.

Тимот предводен од Мелани Бергман и Гунар Гердс открива дека примероци на снег од Хелголанд, Баварија, Бремен, швајцарските Алпи и Арктикот потврдуваат дека има висока концентрација на микропластика. Загадувањето на микропластика беше најдено и во зафрлени области на Арктикот, вклучително и на Шпицбершките Острови.

- Очигледно е дека поголемиот дел од микропластиката во снегот доаѓа од воздухот - истакнува Бергман.

Научниците ги собрале примероците користејќи неколку методи, вклучително и поврзувајќи се со граѓани-научници, кои користеле моторни санки за да соберат снег од зафрлените локации. Научниците користеле инфрацрвена спектроскопија за да утврдат какви видови пластика ги сочинуваат загадувачите. Највисоката концентрација на микропластика доаѓала од примероци собрани на рурален пат во Баварија, каде што снегот содржел 154.000 честички на литар. Снегот на Арктикот содржел 14,400 честички на литар.

Според Гунар, снегот е ефикасен во измивањето на микропластиката од атмосферата. Научниците велат дека се убедени дека голем дел од микропластиката најдена во Европа и на Арктикот е донесена од атмосферата и снегот.

Овие откритија создаваат нови загрижувања за влијанието на микропластиката врз околината и здравјето на луѓето. Истражувачите истакнаа дека треба уште да се работи за да се сфати целото влијание на воздушната микропластика.

- Штом сме утврдиле дека големи количини микропластика може да се транспортираат преку воздухот, тоа отвора прашања за тоа дали и колку пластика инхалираме - вели Бергман.

Фото: Freepik
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука