X
 16.05.2018 Здравје

Микропластиката ја има и во храната

Мнозинството луѓе секојдневно користат пластика, која главно, не е биоразградлива. Со текот на времето пластиката се распаѓа на помали делови, микропластика, која е штетна за околината. Неодамнешните студии покажаа дека микропластиката ја има и во храната, особено во онаа што доаѓа од морето. Не се знае дали овие честички влијаат врз човековото здравје.

За микропластика во околината се сметаат честичките помали од пет милиметри во дијаметар. Ги има во океаните, реките и во земјата, а животните често ги консумираат. Голем број студии од 70-тите години почнаа да го истражуваат нивото на микропластика во океаните, а големи количини беа пронајдени на американскиот брег на Атланскиот Океан. Денес, поради сè почестата употреба, многу пластика има и во морињата и во реките. Се проценува дека секоја година 8,8 милиони тони пластика завршуваат во океаните. Околу 276.000 тони пластика моментно пловат во морињата, а другите потонале на дното или се насобрани на бреговите. Честичките на микропластиката се сè поприсутни во многу различни околини, па ни храната не е исклучок.

Една неодамнешна студија во која биле испитувани 15 вида кујнска сол покажала дека во еден килограм сол има 600 пластични честички. Други студии пронашле 660 микропластични влакна на килограм мед и до 109 делчиња микропластика во литар пиво. Пластиката најчесто е присутна во морската храна. Со оглед на тоа дека пластиката е многу застапена во морската вода, ја консумираат рибите и другите морски организми. Неодамнешните студии покажуваат дека некои видови риба ја мешаат пластиката со храна, па токсичните хемикалии се акумулираат во црниот дроб на рибите.

Микропластика во седименти од реки
Фото: Wikipedia

Студиите посочуваат дека микропластиката е присутна и во длабоките морски организми, сугерирајќи дека таа стасува и до најоддалечените организми. Школките и остригите се во многу поголем ризик од контаминација од другите организми. Студијата утврдила дека школките и остригите, одгледувани за прехрана на луѓе, имаат 0,36-0,47 честички микропластика по грам, па оние што ја консумираат таа храна може да проголтаат 11.000 честички микропластика годишно.

Иако многу студии посочуваат на присутност на микрочестички во храната, не се знае колкаво влијание имаат тие врз човековото здравје и врз настанувањето на болестите. Се покажа дека фталатите (вид хемикалија која се користи за да се направи пластиката пофлексибилна) го зголемуваат растот на клетките на рак на дојка. Експериментот беше направен во Петриева шолја, во лабораторија, па наодот не може веднаш да се примени на луѓе. Неодамнешна студија го следеше влијанието на микропластиката врз лабораториските глувци. Микропластиката се наталожила во нивниот црн дроб, бубрезите и во тенкото црево и го зголемила нивото на оксидациски стрес на молекулите на црниот дроб. Се зголемило и нивото на молекули што може да се штетни за мозокот. Од тенкото црево, честичките можат да стасаат до крвотокот и потенцијално до другите органи.   

Честички пластика има и во луѓето. При едно истражување биле пронајдени пластични влакна кај 87 отсто од проучуваните човекови бели дробови. Бисфенол А е една од најпроучуваните пластики што е присутна во храната, главно во пластичните пакувања за храна или во пластичните чинии, од кои може да продре и во храната.

Микропластиката ја има во разни извори на храна, а најголема концентрација има во морската храна, особено во школките. Со оглед на тоа дека пластиката може да продре од амбалажата во која храната се пакува, ограничувањето на употребата на пластиката може да го намали внесот и да помогне за помало загадување на околината. Микропластиката или е произведена со цел (на пример, во козметичарската индустрија) или настанува со разградување на поголемите парчиња пластика. Микропластиката, за жал, е присутна во околината, во воздухот, водата и храната.

Научниците сè уште не знаат како честичките микропластика влијаат врз човековото здравје, но првичните студии сугерираат дека може да имаат негативно влијание. Намалувањето на употребата на пластиката е еден од најфункционалните начини како да се намали присутноста на пластиката во околината и во храната. Тоа е чекор кој ќе биде корисен и за нашата околина и за нашата исхрана.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје