X
 08.08.2018 Наука

Како една норвешка компанија се бори со пластичниот отпад?

Пластиката има многу карактеристики што ја прават попрактична од другите материјали. Таа е лесна, флексибилна и издржлива. И ние ја сакаме и ја произведуваме во големи количини - дури 340 милиони тони годишно, според Кјетил Бон, извршен директор на „Квантафјул“, компанија со седиште во Осло која произведува почисти горива од пластика и од друг вид отпад.

Пластиката ја убива нашата Земја, а и нашите води. Соодносот меѓу пластичниот отпад и морските организми во океаните моментално е 1:5, но според предвидувањата, до 2050 година ќе биде 1:1.

- Сите вести се негативни. Луѓето се изморени од гледање китови и риби како умираат и фоки што страдаат. Но, сепак, можеме да направиме нешто во врска со тоа - вели Бон.

Тој додава дека начинот на кој досега се третирала пластиката е смешен. Голем дел од отпадот се испраќаше во Кина, но Кинезите рекоа „доста е“ и тоа создаде нови предизвици. Околу 70 отсто од пластиката во Европа или се гори или завршува во депонија - и тоа во Европа, која има највисоко ниво на рециклирање во светот.

- Можеби сте прочитале дека 90 отсто од сиот пластичен отпад во светот кој завршува во океанот доаѓа од десет реки во Азија, многу од нив кинески, но ако застанете на крајот од една од тие реки и ако погледнете во пластиката, ќе најдете кеси на „Теско“ од Велика Британија или пластика од Норвешка за која ние тврдиме дека била рециклирана - вели Бон.

Само од Норвешка годишно околу 60.000 камиони со отпад се носат во Германија. Нешто од тоа оди со брод, што е уште полошо за средината затоа што бродовите користат тежок дизел. Половина од пластиката оди во Германија или на друго место во Европа или повторно се употребува, а половината што не е рециклирана или се пали или се испраќа во Кина.

Владите на земјите во светот почнуваат да ја ограничуваат употребата на пластика, особено онаа за една употреба. Сè повеќе големи бизниси се откажуваат од користењето на таквата пластика, но тоа не го решава проблемот - што да се прави со пластиката што веќе ја имаме.

Проблемот со пластиката е во тоа што во моментот кога ќе се измеша, извалка или кога на неа ќе се испечати нешто, станува многу тешко да се направи нешто друго од неа. Исто така, ПЕТ-шишињата не можат да бидат одново искористени. Дополнителен проблем со пластиката е што се мачиме да се ослободиме од неа. Сега произведуваме 340 милиони тони годишно, а ќе станува полошо, до 2050 ќе произведуваме 1,124 милијарда тони дневно.

Кјетил Бон
Фото: Forbes

Сепак, од „Квантафјул“ имаат решение. Не правете го ова дома, но ако зовриете пластика во лонец, ќе видите како се распаѓа и станува масло. Пластиката во суштина е јаглеводород. „Квантафјул“ користи свој каталитички систем за да спои различни хемиски процеси за конвертирање на материјали со јаглерод со ниска вредност (пред сè пластика, но тоа не е задолжително) во квалитетни синтетички горива.

Оваа есен компанијата отвора разгранок во Данска. Таму ќе собираат отпад кој е извор на јаглерод за да создадат чисто гориво, кое резултира со помало загадување со јаглерод за разлика од другите. Тие веќе имаат патентирана технологија во Мексико, каде што работат заедно со локален партнер. Таа пилот-фабрика прави 800 литри синтетички дизел од илјада килограми пластичен отпад. Синтетичкиот дизел ја намалува емисијата на стакленички гасови за 66 отсто.

Разгранокот во Данска годишно ќе произведува 14.000 тони чисто гориво, пред да почне да произведува 90 тони гориво од 120 тони пластика секој ден. Се гради и фабрика во Норвешка, во близината на Осло. Од компанијата очекуваат да се прошират во Европа, а потоа и во САД.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука