X
 18.08.2020 Наука

Два волшебни феномени фатени во една фотографија

Земјата е едно навистина магично место. Доказ за тоа е и фотографија направена во март од страна на член на екипаж на Експедиција 62 на Меѓународната вселенска станица (ИСС).

На оваа фотографија, направена во момент кога ИСС летала јужно од полуостровот Алјаска, фантастичните бои што ги гледате се честички во горната атмосфера на Земјата кои се во интеракција на различни начини, а сето тоа резултира во два сосема различни атмосферски феномени во една фотографија.

Ова е навистина магично за гледање, но исто така лесно може да се објасни со наука.



Првиот феномен е аурората - сјајниот зелен феномен со црвени делови на левата страна од фотографијата. Аурорите настануваат кога наелектризирани честички од соларниот ветар удираат во магнетосферата на Земјата. Помешани со атмосферските гасови како кислород и азот, честичките создаваат бои кои ги знаеме како аурора. Возбудени од соларните ветришта, кислородните атоми на највисоката алтитуда ја ослободуваат вишокот енергија како црвен сјај, додека зелениот е предизвикан од возбудените молекули на азот кои ослободуваат енергија на пониски алтитуди.

Но, аурората е само еден дел од оваа феноменална фотографија. Десно на сликата може да се види жолто-црвена лента светлина веднаш над нашата планета. Тоа се нарекува воздушен сјај и е посуптилна светлина од аурората, но е еднакво интересна.

За да го разберете воздушниот сјај, треба да запомните дека ноќното небо никогаш не е целосно темно. Атомите создаваат емисии поради тоа што се во возбудена состојба. На пример, кислородот што бил распарчен во текот на денот одново се обединува и ја ослободува вишокот енергија како фотони во текот на ноќта. За сјајот придонесуваат и молекулите на азот и реакциите меѓу азотот и кислородот.

Фото: Science Alert

Фотоните ослободени во вакви случаи излегуваат зелени, како на фотографијата погоре, но некогаш има и жолто во пониските слоеви (околу 80 до 100 километри над површината на Земјата).

Како бонус, изгрејсонцето зад Земјата прави работ на планетата да изгледа темносин. Ова се случува поради истата причина поради која небото е сино во текот на денот - кога сончевата светлина ги погодува молекулите во нашата атмосфера, се распрскува сина светлина, додека другата обоена светлина претежно се пропушта.

Ви рековме, апсолутно магично!

Извор: Science Alert
Насловна фотографија: NASA
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука