X
 18.08.2020 Наука

Фотограф успеал да фати интересен небесен феномен во форма на медуза

Ако некогаш, за време на грмежи и бура, на небото сте виделе нешто што личи на огромна црвена медуза, треба да знаете дека не станува збор за халуцинација или вонземјани. Оваа појава всушност е една форма на молња, односно електрично празнење што често има црвеникава или портокалова боја; оттука и името црвена молња.

За разлика од обичната молња, црвената се јавува високо во мезосферата, некаде помеѓу 50 и 90 километри и се движи кон вселената, според Европската вселенска агенција.

Овој феномен е редок: трае десеттина од секундата и тешко може да се види бидејќи генерално е замаглен од облаците. Но, Стивен Хумел, специјалист за темно небо од опсерваторијата „Мекдоналд“, успеал да направи спектакуларна фотографија со ваков феномен од сртот на планината Лок во Тексас.

- Црвените молњи обично се многу кратки, мрачни и сиви структури. Треба да ги барате за да ги забележите и честопати не сум сигурен дека всушност сум видел една додека не ги проверам снимките за да потврдам - вели тој.

Ноќта кога ја направил оваа фотографија, тој снимал 4,5 часа пред да успее да го фати феноменот.

- Генерално, снимив речиси 70 часа видеоматеријал оваа година и успеав да фатам 70 црвени молњи - вели тој.


Дејвис Сентман, професор по физика на Универзитетот во Алјаска, кој починал во 2011 година, го предложил англиското име на овој феномен (red sprite) велејќи дека името одлично го опишувал нивниот изглед, бидејќи зборот ја буди необичната природа на молњата.

Некои црвени молњи, како онаа што ја фотографирал Хумел, се во форма на медузи. Други се само вертикални столбови на црвена светлина што згаснува надолу.

Црвените молњи се случуваат затоа што кога молњата ја погодува земјата, има тенденција да ослободи позитивна електрична енергија што треба да биде избалансирана од еднаква или спротивно наполнета енергија на друго место на небото.

- Колку е посилна бурата и колку е поголема молњата, толку е поголема веројатноста да се создаде црвена молња - вели Хумел.

Понекогаш и астронаутите ги забележуваат од Меѓународната вселенска станица.

fenomen
Фото: NASA

Уште од нивното откривање во 1989 година научниците ги забележале на секој континент, освен на Антарктикот.

Извор: Business Insider
Фото: Twitter
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука