Ова кратко разгледување на феноменот
дендизам, ќе го почнеме со гледиштето на францускиот социолог Бодријар, според кој дендизмот претставува естетска форма на нихилизам. Тоа е онаа филозофска страна на дендизмот, која постои покрај, наспроти и во најдобар случај, заедно со онаа површна страна. Ако дендизмот е филозофски поглед на светот, тогаш тој секако мора да биде нихилистички.
Целата приказна за дендизмот почнува во Британија, кон крајот на 18 век. Основоположник е Џорџ Брајан Бо Брумел, човек кој извршил најголемо влијание врз машката мода, не само во британските туку и во светските кругови. Тој се појавил во времето на Хегел и Наполеон. Денес, на Брумеловиот дендизам се гледа како на филозофски став на човекот кој спознал дека историјата е завршена и дека мажот повеќе не може да се идентификува со улогата на херој и возвишен јунак.
Тоа бил духот на времето, изразен во Бајроновата поезија и во неговиот живот, животот на романтичарскиот јунак, но живот што го живеел со ирониска дистанца, токму онака како што пишувал. Бајрон го сметал Брумел за најголемиот човек на неговото време. На второ место го устоличил Наполеон, а на трето се ставил самиот себеси.
Според најстрогиот суд, дендизмот исчезнал таму каде што настанал, во Англија, и тогаш кога се појавил, за време на Брумеловиот живот. Во таа смисла, самата појава и постоењето на дендизмот се врзуваат со конкретни општествени услови што го создале, па според тоа тој и не може да постои надвор од тоа општествено и културно милје. Па така се тврди дека дендизмот кој од Англија се преселил во Франција, прераснал во боемија и дека не може да се зборува за француски дендија.
Поминаа повеќе од два века откако бил востановен овој поим. Во меѓувреме тој се развил, исчезнувал па се враќал, менувал облици и својата основна идеја, се маскирал, се изопачувал. Денес, дендизмот може подеднакво да се поврзе со толку противречни поими како што се панкерството, хипстерството, „мејнстрим фората за селебритија“, метросексуалците и интелектуалните снобови, образованата културна елита која како неактивната герила се обидува што понезабележително да се движи низ необразованата маса и низ масата која преку надворешната мода се одвојува онолку колку и однатре, а нема што да покаже, нити да сокрие.
Денешниот дендизам повеќе има негативна отколку позитивна конотација. Понекогаш има нешто впечатливо паланечко во презирот кон какво било истакнување, така што малограѓанството може да се прикрие токму зад празното истакнување.
Која е „плодна почва“ за појава на дендизмот?
Идеално време за појавување на дендизмот е добата на општа демократизација на општеството и културата. Во такви униформни услови, самото постоење на дендито е револт и општествен скандал, но и сведоштво за божествената разновидност на божјото дело и вечната човекова осуденост да ја избира својата суштина и самиот автентично да се дефинира. Дендизмот е реакција на буржоаскиот морал и на секој облик на духовен кукавичлук и колективизам. И дендито и боемот не ги прифаќаат пропишаните вредности на граѓанското општество, им се гади од нивната баналност и од диктатурата на просечноста и претопеноста.
Како изгледа дендито?
– За Брумел, и за дендијата кои се огледуваат на него, занимавањето со политика и економија е чиста вулгарност;
– Дендито секогаш и секаде е дотеран и ништо на неговото тело не е случајно на тоа место, и ништо случајно не изелгува од неговата уста. Сепак, тој мора да остави впечаток дека сето тоа го прави ненамерно, ноншалантно и без план;
– Кажано со денешниот речник, дендито секогаш мора да биде „кул“;
– Денди е некој кој се одликува со стоичка самодоверба, неговите ставови и изреки се кратки, но остри и доследни;
– Дендито доаѓа од средната класа, а со начинот на облекување и со знаењето се пробива во високите кругови;
– Вистинскиот дендизам никако не смее да застане на надворешната појава; таа само треба да упатува на внатрешната различност;
– Дендито се одликува со богато образование и интелектуална супериорност;
– Дендијата често ги осудуваат зашто од себе прават идоли, а од својот естетски хедонизам – своја религија;
– Парадоксално, дендито ја презира масата, но масата е неопходна за појавата на дендито како нешто што треба да шокира. Тој не постои ако не се спротивставува;
– Дедндито развива скептичка воздржаност за сѐ. Цинизмот е форма на интелектуален дендизам;
– Според Бодлер, наконтеноста на дендито треба да биде само симбол на интелектуалната супериорност на неговиот дух;
– Со помош на измама, дендито се вовлекува во високите аристократски слоеви. Меѓутоа, тој е вистинскиот претставник на единствената вистинска аристократија – аристократијата на духот;
– Денди – тоа е оној што изненадува, а самиот никогаш не е изненаден;
– На Новиот континент дендизмот пристигна преку звуците на џезот и преку романот на Скот Фицџералд,
Големиот Гетсби;
– Бодлер сметал дека дендито треба да живее и да умре пред огледало;
– Животот на дендито е негово најголемо уметничко дело.