X
 18.08.2023 Наука

Мајките делфини користат „бебешки говор“ кога ги повикуваат младенчињата

Кога луѓето му се обраќаат на бебе или мало дете, тие користат таканаречен „бебешки говор“. Но, неодамна беше откриено дека и мајките-делфини користат сличен говор со висок тон кога ги довикуваат своите бебиња.

Истражување објавено во понеделникот покажа дека мајките делфини го менуваат тонот кога им се обраќаат на своите младенчиња. Истражувачите го снимиле свирењето на 19 мајки делфини во Флорида кога биле придружени од нивните младенчиња и кога пливале сами или со други возрасни единки.

Свирењето на делфините е уникатен и важен сигнал и е сличен на извикувањето на сопственото име.

- Тие го користат свирењето за да се следат едни со други, како периодично да велат: „Тука сум, тука сум“ - вели коавторот на истражувањето, Лаела Саиг, морски биолог од океанографската институција „Вудс Холе“ во Масачусетс.

Кога сигналот се насочува кон нивните младенчиња, јачината на свирежот на мајката е поголема и нејзиниот опсег на висината на тонот е поголем од вообичаеното.

- Ова беше така за секоја од 19. мајки во истражувањето - вели биологот Питер Тајк, коавтор на истражувањето од Универзитетот „Сент Ендрјус“ во Шкотска.

Но, добивањето на овие податоци не бил едноставен подвиг. Повеќе од три децении научниците поставувале специјални микрофони за истите мајки во заливот Сарасота во Флорида за да ги снимаат нивните свирежи. Тоа вклучувало периоди кога делфините немале младенчиња, но и кога имале - младенчињата остануваат со своите мајки во просек три години, а понекогаш и подолго, додека татковците не играат долготрајна улога во родителството.

- Ова се фантастични податоци - вели Маурицио Кантор, морски биолог од Државниот универзитет во Орегон, кој не бил вклучен во истражувањето.

Зошто луѓето, делфините или другите суштества користат бебешки говор, не е сигурно, но научниците веруваат дека тоа може да им помогне на потомците да научат да изговараат нови звуци. Истражување од 80-тите години посочува дека човечките доенчиња може да посветат поголемо внимание на говорот со поголем опсег на тон.

За истражувањето за делфините, истражувачите се фокусирале само на уникатното свирење, така што тие не знаат дали делфините користат „бебешки говор“ за други размени - или дали тоа им помага на нивните потомци да научат да „зборуваат“, како што е во случај со луѓето.

Друга можна причина за користење специфични тонови е да се привлече вниманието на децата.

Извор: Yahoo.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука