X
 16.12.2025 Живот

Физички вежби што ја подобруваат меморијата и не бараат многу напор

Многумина од нас користат Судоку, Вордл или апликации за вежбање на мозокот за да го подобрат својот ум. Но, истражувањата сè повеќе покажуваат дека еден од најдобрите начини за подобрување на меморијата, фокусот и здравјето на мозокот е вежбањето.

Едно ново истражување ја прегледа анализата на податоци од над 250.000 учесници во повеќе од 2.700 истражувања. Истражувачите откриле дека вежбањето ја подобрува функцијата на мозокот без разлика дали станува збор за пешачење, возење велосипед, јога, танцување, па дури и активни видеоигри како „Покемон ГО“.

Движењето на телото ја подобрува способноста за размислување, донесување одлуки, помнење и задржување на фокусот, без оглед на возраста.

Што вели науката?


Оваа анализа се надоврзува на сè поголем број истражувања кои покажуваат дека редовната физичка активност ја подобрува функцијата на мозокот во три клучни области:

Когниција - Вашата општа способност да мислите јасно, да учите и да донесувате одлуки;

Меморија - Особено краткорочната меморија и способноста да се помнат лични искуства;

Егзекутивна функција - Вклучува фокус, планирање, решавање проблеми и управување со емоциите;

Истражувачите ги разгледале резултатите од повеќе од 130 висококвалитетни прегледи на истражувања кои веќе комбинирале наоди од многу истражувања за вежбање. Овие истражувања обично вклучувале луѓе кои започнале нова, структурирана програма за вежбање, а не само следење на активностите што веќе ги правеле.

За да се проценат ефектите врз когницијата, меморијата и егзекутивната функција, оригиналните истражувања користеле различни тестови за функција на мозокот: активности како паметење списоци со зборови, решавање загатки или брзо менување на задачите, едноставни активности дизајнирани за сигурно мерење на тоа колку добро функционира мозокот.

Вежбањето довело до забележително подобрување на когницијата, со малку помали, но сепак значајни добивки во меморијата и егзекутивната функција.

Имало придобивки кај сите возрасни групи, иако кај деца и тинејџери биле забележани значителни придобивки во меморијата.

Луѓето со АДХД (нарушување на вниманието со хиперактивност) покажале поголеми подобрувања во егзекутивната функција по физичка активност отколку другите групи.

Мозокот почнал да реагира прилично брзо и многумина забележале подобрувања веќе по 12 недели од започнувањето со редовно вежбање.

Генерално, најголемите придобивки биле забележани кај оние што вежбале најмалку 30 минути во поголемиот дел од неделата, со цел вкупно150 минути неделно.

Што се случува во мозокот?


Активности како одење или возење велосипед можат да го зголемат хипокампусот, делот од мозокот одговорен за меморија и учење. Во едно истражување постарите возрасни лица кои изведувале аеробни вежби една година го зголемиле хипокампусот за 2 отсто.

Поголеми интензитети на вежбање, како трчање или високоинтензивни интервални тренинзи, дополнително ја поттикнуваат невропластичноста – способноста на мозокот да се приспособува. Ова помага побрзо да учите, јасно да размислувате и да останете ментално будни со стареењето.

Важно е и секојдневното движење


Не е потребно да трчате маратони или да кревате тешки тегови за да имате корист. Истражувањето покажа дека активности со понизок интензитет, како јога, таи чи и активни видеоигри, можат да бидат еднакво ефективни, понекогаш дури и повеќе.

Овие активности ги ангажираат и мозокот и телото. Така, на пример, таи чи бара фокус, координација и помнење на секвенции.

Активните видеоигри често вклучуваат донесување одлуки во реално време и брза реакција на сигнали, што ги тренира вниманието и меморијата.

Важно е дека овие форми на движење се инклузивни. Може да се прават дома, на отворено или со пријатели, што ги прави одлична опција за сите нивоа на физичка спремност или за оние со ограничена подвижност.

Сепак, важно е да најдете време за структурирано вежбање, како кревање тегови во сала или редовни јога-тренинзи за да ги добиете сите придобивки за мозокот и телото.

Извор: Independent.co.uk
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот