Холивудската ѕвезда Бред Пит во понеделникот го интервјуира астронаутот Ник Хејг од НАСА, кој моментално се наоѓа на Меѓународната вселенска станица.
Пред почетокот на премиерата на вселенскиот трилер „Ад Астра“, во кој глуми Бред Пит, тој имаше можност да му постави неколку прашања за животот во вселената. Како најважно го издвои прашањето за пуштањето музика на вселенската станица.
- Имаме различни плејлисти и се менуваме. Тоа е убаво бидејќи имаме меѓународен дух. Убава е промената да се слушне руска традиционална музика за време на вечерата - одговори астронаутот.
Пит постави прашање колку е реално неговото изведување на движењата во услови на нулта-гравитација во студиото, а на крај го замоли и за стручна експертиза.
- Кој беше поубедлив во глумата, Клуни или Пит? - праша актерот, мислејќи на неговиот добар пријател Џорџ Клуни кој глумеше астронаут во филмот „Гравитација“ од 2013 година.
- Апсолутно ти - одговори Хејг.
Бред Пит во филмот „Ад Астра“ го глуми астронаутот Рој Мекбрајд, кој патува на работ од Сончевиот Систем за да го најде својот татко, кој исчезнал, соочувајќи се со мистеријата што му се заканува на преживувањето на човештвото на Земјата.
Националната служба за аеронаутика и
вселена ги дала своите стручни совети за визуелните и техничките прашања пред снимањето на „Ад Астра“.