Со соопштение до јавноста се огласи и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, кој реагираше на фејсбук-статусот на Најчевска кој се однесуваше на темата на прес-конференцијата
Независниот академски синдикат (НАкС) денеска реагираше на барањето од ректорите на УКИМ и УКЛО да се формира синдикат на вработените во високото образование, како што од нив побарал министерот за образование и наука Арбер Адеми на состанок, со цел новоформираниот синдикат да потпише колективен договор со што ќе се овозможи вработените на државните универзитети да добијат 10 проценти повисоки плати од јануари, јави МИА.
Вработените се повикани од ректорите да формираат и да се зачленат во репрезентативен синдикат што ќе склучи колективен договор во кој покачувањето на платите за десет отсто е единствена точка. Рокот за основање е четири дена, а веќе се пратени и пристапници за доброволно зачленување и е одредена членарина од 50 денари која ќе ја собира физичко лице на сопствена сметка што потоа ќе му ги префрли на идниот синдикат.
Професор Горан Јанев: Срамно е на ваков начин да се урниса идејата за синдикално здружување
Според НАкС, на овој начин УКИМ-Скопје, УКЛО-Битола и другите јавни универзитети како работодавци прават упад и дезавуирање на синдикалното организирање во високото образование, а ректорите постапуваат противуставно.
Членови на Независниот академски синдикат денеска на прес-конференција соопштија дека тие веќе имаат предлог-колективен договор од 45 страници што му го доставиле на министерот и кој не се однесува само на платите, туку ги опфаќа сите аспекти на работењето на академскиот кадар нудејќи системски решенија.
Професорката Мирјана Најчевска рече дека дописот на ректорите и нивното повикување од страна на министерот е прекршување на член 195 од Законот за работни односи, според кој, работодавецот (во овој случај универзитетите) не смее да се меша во синдикалното здружение и во работата на синдикатот. Според неа, повикот да се формира нов синдикат е затоа што постојниот покажал, како што рече, заби и знаење и истапил со барања кои не се пријатни за власта и таа не сака да одговори на нив.
- Ова е обид да се формира синдикат кој во иднина ќе биде искористен од политичките партии и предмет на нивно пазарење за време на избори. Ова е отворена закана што се базира на измама. Заканата е дека нема да се покачат платите за 10 проценти и покрај тоа што тоа е предвидено со буџетот. Измамата се состои во тоа што се тврди дека тоа не може да се направи без да се потпише колективен договор со репрезентативен синдикат, истакна Најчевска.
Таа додаде дека постои едноставен начин да се исплатат 10-те проценти со тоа што МОН ќе им ги даде средствата за минат труд што не ги исплаќа, а кои соодветствуваат на овој износ.
Незадоволството од овој, како што го нарекоа, едностран чин од позиција на моќ, искажаа и други претставници на НАкС, кој има меѓу 250 и 300 членови.
Најчевска (во средина): Ова е отворена закана што се базира на измама
Според професорот Горан Јанев, срамно е на ваков начин се урниса идејата за синдикално здружување, нагласувајќи дека имаат уште многу нерегулирани прашања во високото образование.
– Притоа да не ја спомнуваме цената од 10 отсто кои се мизерни, веројатно околу 3.000 денари во просек. Зголемувањето ни приближно не би не порамнило со другите сектори во општеството. Ние остануваме околу просечната плата. Таквиот однос покажува дека не постои елементарна свесност дека високото образование е единствен сектор што може да повлече едно општество напред, рече Јанев.
Со соопштение до јавноста се огласи и ректорот на УКИМ, Никола Јанкуловски, кој реагираше на фејсбук-статусот на Најчевска кој се однесуваше на темата на прес-конференцијата.
- Мора да признаам дека сум крајно разочаран од искажаните ставови на проф. Најчевска во врска со иницијативата за синдикално организирање чија единствена и крајна цел е зголемување на платите на сите вработени, и наставен и ненаставен кадар, на сите државни универзитети. Крајно сум разочаран од неразбирањето на крајната и единствена цел која е искористена за други дневно-политички игри и цели. Личниот став на проф. Најчевска е нејзино право, нејзиното членување во други синдикални организации со оваа иницијатива не е оспорено ни загрозено, но непријатно сум изненаден дека со нејзините ставови проф. Најчевска ги повикува вработените на УКИМ на бојкот, чија крајна цел е спротивен на интересот на сите вработени и нѐ води кон подобрување на нивната материјално-финансиска состојба - посочи Јанкуловски.
Во врска со најавата за формирање нов универзитетски синдикат за вработените во високото образование, прес-конференција за утре најави и Синдикатот за образование, наука и култура-СОНК.