Откако пред една година извади своја верзија на играта „Покемон гоу“, во која се ловат светци, Ватикан сега отиде чекор понатаму. Штотуку ја претстави дигиталната бројаница со која, како што објаснуваат оттаму, луѓето можат полесно да се молат.
Обидувајќи се да ги привлечат младите луѓе ориентирани кон технологијата, од Ватикан ја претставија е-бројаницата „Click to Pray“, која преку блутут се спојува со мобилниот, а постои и мобилна апликација.
Уредот, кој може да се носи како нараквица, е составен од десет топчиња црн ахат и хематит и „паметен крст“, на кој може да се чуваат податоци. Кога ќе се активира молењето, што се прави со прекрстување, може да се избере и
молитва.
Од Ватикан велат дека тематиката на бројаницата ќе биде освежувана, а притоа паметната „направа“ ќе следи како напредувате со молитвите и колку често се молите.
Од Ватикан велат и дека е-бројаницата е дел од светската мрежа со молитви на папата и дека станува збор за технолошки производ кој е алатка за учење „како да се молите со бројаница за мир во светот“. Апликацијата ќе нуди персонализирани молитви, но и ќе ја следи здравствената состојба.
Не станува збор за шега, туку за производ кој може да се купи по цена од 99 евра.