X
 07.05.2019 Наша тема

Што учел папата Франциск?

Во март 2013 година Хорхе Марио Бергољо беше избран за 266. папа на Римокатоличката црква, по што стана папа Франциск.

Роден на 17 декември 1936 година во Буенос Аирес, Аргентина, Бергољо е првиот папа од Америките. Пред да биде избран за папа, Франциск служел како архиепископ во Буенос Аирес од 1998 до 2013 година, како кардинал на Римокатоличката црква на Аргентина од 2001 до 2013 година и како претседател на Аргентинската епископска конференција од 2005 до 2011 година. Во 2013 година папата беше прогласен за личност на годината од страна на магазинот „Тајм“, со што стана третиот папа што е именуван за личност на годината.

Папата Франциск е дете на италијанските имигранти Хосе Марио Франциско Бергољо и Реџина Марија Сивори.


Папата Франциск (четвртото момче од лево во третиот ред од горе надолу) на 12-годишна возраст
Фото: Wikipedia

Папата учел средно технолошко и добил диплома за хемиски техничар. Пред да им се приклучи на језуитите, Бергољо работел како вратар, а работел и во лабораторија. Кога стана папа, за Бергољо се пишуваше дека е магистер по хемија, но подоцна беше утврдено дека тоа не е вистина.

Наклонетоста кон свештенството папата ја открил кога одел на прослава на Денот на пролетта. Поминал покрај црква за да оди на исповед и бил инспириран од свештеник. Бергољо учел на архиепископската богословија „Инмакулада Консепсион семинари“ (Inmaculada Concepción Seminary) во Вила Девото, Буенос Аирес, Аргентина. Три години подоцна, на 11 март 1958 година, тој влегол во језуитите. Бергољо има признато дека додека бил ученик во семинарија, му се допаѓала девојка која ја сретнал тогаш и кратко се двоумел дали да продолжи со религиозната кариера.

Како нов језуит, тој студирал хуманистички науки во Сантијаго, Чиле. По учењето во „Друштвото на Исус“, Бергољо официјално станал језуит на 12 март 1960 година.

Истата година тој зел диплома за филозофија од „Колехио Максимо де Сан Хосе“ во Сан Мигел, Аргентина. Од 1964 до 1965 година предавал литература и психологија во средното училиште „Колегио де ла Инмакулада Консепсион“ во Санта Фе. Во 1966 година ги предавал истите предмети во „Колегио дел Салвадор“ во Буенос Аирес.

Во 1967 година Бергољо ги завршува студиите по теологија и на 13 декември 1969 година бил ракоположен за свештеник. Тој студирал на Филозофско-теолошкиот факултет во Сан Мигел. Служел како учител на дојденците во провинцијата таму и станал професор по теологија.


Фото: Pixabay

Последната фаза од неговата духовна обука како језуит ја завршува во Шпанија. Во 1973 година Бергољо бил именуван за провинциски игумен на „Друштвото на Исус“ и на таа функција бил до 1979 година.

Во 1980 година Бергољо бил поставен за ректор на Филозофско-теолошкиот факултет во Сан Мигел. Пред да стапи на функцијата, тој минал три месеци во Ирска за да научи англиски, а потоа се вратил во Аргентина и бил ректор до 1986 година.

Потоа Бергољо оди на истражувачки престој во Филозофско-теолошката висока школа „Санкт Георген“ во Франкфурт, Германија, за да ги разгледа можностите за темата на неговата докторска дисертација, која сепак останала недовршена. Потоа работел како духовен соработник во Кордоба.


Фото: Pixabay

Покрај италијански, папата Франциск течно зборува и шпански и германски, а се служи и со англискиот, францускиот и португалскиот јазик. Покрај тоа, додека студирал, тој учел и латински и старогрчки.

Бергољо е фан на фудбалскиот клуб „Сан Лоренцо де Алмагро“. Тој ги сака филмовите на Тита Мерељо и тангото, со наклонетост кон традиционалната аргентинска и уругвајска музика позната како милонга.

Покрај аргентинското, папата има и италијанско државјанство, а откако беше избран за кардинал, доби и ватиканско државјанство.

Папата Франциск е прв во многу работи. Покрај тоа што е првиот папа језуит, тој е и првиот папа од Новиот свет, првиот папа што не е од Европа (од осмиот век) и првиот папа што дошол на место на жив папа (во повеќе од 600 години).

Папата Франциск е познат по неговата едноставност. Во Буенос Аирес тој користел јавен превоз, сам си готвел и живеел во мал стан. Кога бил назначен за кардинал, Бергољо наводно побарал од стотици Аргентинци да им ги донираат на сиромашните парите што сакале да ги потрошат за да летаат со него до Рим.

Фото: Pixabay

Папата Франциск за образованието:

„Образованието не може да биде неутрално. Тоа е или позитивно или негативно; или обогатува или осиромашува; или му овозможува на лицето да расте или го обезвреднува, дури и изопачува. Мисијата на училиштата е да развијат чувство на тоа што е вистина, што е добро и убаво. И ова се случува преку богат пат составен од многу компоненти. Затоа има толку многу предмети - затоа што развојот е резултат на различните елементи кои дејствуваат заедно и стимулираат интелигенција, знаење, ги стимулираат емоциите, телото итн.“

„Ако нешто е вистинито, тоа е добро и убаво; ако е убаво, тоа е добро и вистинито; ако е добро, тоа е вистинито и убаво. И заедно овие елементи ни овозможуваат да растеме и ни помагаат да го сакаме животот, дури и кога не сме добро, дури и кога сме среде многу проблеми. Вистинското образование ни овозможува да го сакаме животот и нè отвора кон исполнетоста на животот.“
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема