X
 18.12.2017 Наука

Психолозите објаснуваат зошто некои луѓе веруваат во паранормалното

Набрзо по Втората светска војна, Винстон Черчил ја посетил Белата куќа и доживеал чудно и мистериозно искуство. Откако уживал во долго бањање, скоч и цигара, се упатил во спалната соба, каде што тврди дека го сретнал духот на Абрахам Линколн. Черчил рекол дека му се обратил на Линколн: „Добро вечер, господине претседател. Изгледа ме затекнавте во неповолна положба“. Духот се насмеал и исчезнал.

Авторот Артур Конан Дојл зборувал со духови преку медиуми, додека Алан Тјуринг верувал во телепатија. Тројца мажи што биле познати по своето остро размислување, сепак, верувале и во „невозможното“. Но, според неодамнешни анкети, речиси три четвртини од Американците веруваат во паранормалното, а едно од пет лица тврди дека видело дух.

Интригирани од ваквите тврдења и верувања, психолозите почнале да анализираат зошто некои од нас се склони да веруваат во вакви појави. Нивните откритија сугерираат на некои скриени вештини во верување во паранормалното. Некои вакви појави се лесни за објаснување, а се основани на „згрешена“ активност во мозокот, односно штета во одреден регион од мозокот што резултира со забележување паранормални појави. Искуството, пак, наречено „надвор од тело“, се прифаќа како невролошки феномен, а гледањето митски битија е всушност честа илузија кога, на пример, го гледаме својот одраз на половично светло, бидејќи мозокот се бори да ги конструира контурите на лицето, па ги пополнува информациите што недостигаат. Дополнителни комбинации од замор, дрога и алкохол можат несомнено да доведат до мистериозни појави, како онаа со која се соочил Черчил.

Психолозите што ја изучуваат и религијата долго време се сомневаат дека верувањето во паранормалното е еден вид штит за заштита од тешките вистини во светот. Кога нешто ненадејно ќе се случи како природна катастрофа, смрт, губење на работата – мозокот бара одговори и значење во хаосот, па тука може да дојде до перципирање структури околу нас што најверојатно не постојат. Но, зошто некои луѓе повеќе се склони кон вакви верувања? Психолозите велат дека „верувачите“ често ги засноваат верувањата на она што го мислат за работите кои едноставно не ги разбираат. Па така, тие почесто гледаат, на пример, скриени лица во фотографии, мистериозни ликови и слично.

Според истражувањата, психолозите веруваат дека „верувачите“ имаат послаба когнитивна инхибиција во споредба со скептиците. Тоа е таа вештина што дозволува да се создаваат несакани мисли, а скептиците имаат способност веднаш да ги отстранат. Оние што веруваат во паранормалното се смета и дека имаат поголема самодоверба, па може да се каже дека ваквите верувања имаат и свои придобивки до одредена мера. Токму поради тоа што тие веруваат во суеверија, активноста во мозокот се зголемува, расте самодовербата и можно е да се поттикне постигнување на подобри резултати.

Експертите советуваат дека не треба да се потценува моќта на сугестијата. На пример, на група студенти од Пенсилванија им било побарано да слушаат аудија од снимки од шоуа за ловење духови. Кај оние што верувале дека се во студија за анализирање на паранормалното, слушањето гласови во снимките се зголемило. Сепак, психолозите сметаат дека верувањето во паранормалното се зголемува најмногу во моменти кога сме неспокојни, дури и кога се надеваме на нешто, бидејќи самата надеж е полна со неизвесност.

Лесно е да се сметаме себеси за рационални битија, но помудро е да разбереме дека секој од нас некогаш ќе почувствува губење на контролата, па со сето тоа и верување во нешто што не можеме да го објасниме, велат експертите.
Подготвил: М.П.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука