Париз, 25 јули 2019 (МИА) – Во текот на изминативе 2.000 години, температурите на планетата не се зголемиле толку брзо како сега. Ова истражувачите го откриле користејќи податоци за температурата составени од речиси 700 индикатори.
Термометарот никогаш не се искачил толку брзо. Во текот на изминатите 2000 години, глобалните температури никогаш не се зголемиле толку брзо како сега, се наведува во студиите објавени во момент кога Западна и Северна Европа страдаат од вториот бран на топлотни бранови за само еден месец. Станува збор за две одделни студии што ги анализираат трендовите во период од 2.000 години во климатската историја на нашата планета.
Фото: NASA
Истражувачите користеле база на податоци составена од речиси 700 индикатори на рекордни историски температури, вклучувајќи ги дрвјата, мразот, езерските седименти, пештерите, коралите, како и современите термометри.
– Овие студии, конечно треба да ги спречат климатските скептици кои тврдат дека неодамнешното глобално затоплување е дел од природниот климатски циклус - изјави Марк Маслин од Универзитетскиот колеџ во Лондон, коментирајќи ја студијата.
Првата студија, објавена во списанието „Природа“, покажува дека за време на малото ледено доба (1300-1850) било многу студено во Европа и САД, но не било студено насекаде на планетата.
– Кога се враќаме во минатото, наоѓаме регионални феномени, но никој не е глобален, вели Натан Стејгер од Универзитетот Колумбија во Њујорк.
Втората студија ја испитувала просечната промена на температурата за кратки периоди од неколку децении. Нивните заклучоци се јасни: во ниеден момент од почетокот на нашата ера температурите не се зголемиле толку брзо како на крајот на дваесеттиот век.
– Овој резултат го нагласува вонредниот карактер на сегашните климатски промени - објаснува Рафаел Неуком од Универзитетот во Берн во Швајцарија, коавтор на студијата.
Денес, се очекуваат рекордно високи температури во Франција и во добар дел од Западна Европа , a на некои места ќе надминат 40°C.
Извор: МИА