X
 18.12.2020 Наша тема

Оздравени пациенти, а со недели позитивни на Ковид-19, има ли опасност од ширење на вирусот?

Што значи кога лице поминало 10 или 20 дена изолација поради Ковид-19, но повторно ќе добие позитивен резултат на ПЦР-тест? На што се должи тоа и дали во ваков случај тоа лице може да го пренесува вирусот?


Честопати се случува кај пациенти што биле позитивни на Ковид-19, по завршувањето на изолацијата од десет или 20 дена, контролниот тест повторно да им покаже позитивен резултат. Иако здравствениот систем што ги следи овие пациенти не ги обврзува да направат контролен тест по завршувањето на периодот на изолација, сепак, во најголем дел од случаите работодавците на приватните компании од претпазливост бараат враќањето на работа да биде потврдено со негативен тест.
Кога тие на контролен тест ќе добијат повторно позитивен резултат, доаѓа до забуна.
Пациентите знаат дека не можат да се вратат на работа, но не знаат дали повторно треба да го поминат периодот на изолација и дали во тоа време го шират вирусот.
Што значи кога лице поминало 10 или 20 дена изолација поради Ковид-19, но повторно ќе добие позитивен резултат на ПЦР-тест? На што се должи тоа и дали во ваков случај тоа лице може да го пренесува вирусот?

Контролен тест не е задолжителен


Според протоколите за ослободување од изолација на пациентите, усвоен кон крајот на август годинава, не се потребни контролни тестирања на ковид-пациентите.
Направените анализи, според здравствените власти, укажуваат на тоа дека иако кај пациентот било дијагностицирано присуство на вирусот, независно од резултатот на контролното тестирање, не е присутен вијабилен, односно репликативнио компететен вирус што може да е доволно силен и да предизвика зараза по 10 дена кај асимптоматските случаи, или 20 дена кај лицата со симптоми од првиот позитивен тест.

Тогаш министерот за здравство Венко Филипче посочи дека според анализите на МАНУ, препораката на Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола и превенција на болести, се предвидува ослободување од изолација на позитивните пациенти без контролни тестови.

- Нема потреба да се прави контролен тест за евиденција зашто опсежните анализи укажуваат на тоа дека детектираните вируси во контролните брисеви апсолутно не можат да предизвикаат инфекција - истакна Филипче.



Остатоци од вирусот - причина за позитивен резултат

Матичните доктори и епидемиолозите велат дека ваквата појава на долгорочно позитивни лица често се случува, но всушност тие лица не се позитивни на Ковид-19 и не го пренесуваат вирусот.
Во тие ситуации им препорачуваат на пациентите неколку дена да ги плакнат носната и усната шуплина со чај од жалфија, бетадин од еден процент или, пак, хидроген од три проценти, па дури потоа да го повторат контролниот тест.
Матичната докторка Лилија Чолакова-Дервишива посочува дека многу често се случува оздравени пациенти, на кои им е поминат периодот на изолација, да направат контролен тест и тој да испадне позитивен.

- Не знам зошто работодавците во некои приватни компании бараат контролни тестови. Едноставно нема потреба од тоа зашто пациентите се веќе оздравени и не се заразни -посочува д-р Чолакова-Дервишова.

Неколку нејзини пациенти дури и на четири контролни теста испаднале позитивни, а немале никакви симптоми.
- На сите ни е битно да пратиме здрави луѓе на работа. Во таа ситуација, според анализата на крвната слика, пишувам медицинска белешка која пациентот ја носи до работодавецот, дека е здрав и дека не е заразен, зашто оваа ситуација може и економски да се рефлектира врз нив -вели докторката.

Микробиологот Никола Пановски, пак, вели дека контролните тестови воопшто не треба да се прават зашто во случаите со оздравените пациенти тие немаат вредност.
Вели дека е докажано дека девет дена по констатирање дека еден пациент е позитивен, тој веќе не заразен, односно вирусот не е жив.

- Причините поради кои пациентите и по 20 дена изолација повторно се позитивни се зашто во носот и устата имаат мртви клетки во кои имало вирус. Тие можат и со месеци да се исфрлаат. Но, пациентот е здрав и не може да го пренесе вирусот - посочува Пановски.
Според него, ваквите ситуации се доказ дека пандемијата на Ковид-19 повеќе се претворила во следење на тестовите отколку на пациентите.
Подготвил: Радмила Заревска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема