X
 13.02.2021 Здравје

Ковид-19 веројатно бил присутен во Кина два месеца пред првиот официјален случај

Околу 90 луѓе во Кина биле хоспитализирани со симптоми слични на Ковид-19 два месеца пред болеста да биде првпат идентификувана во Вухан на крајот од 2019, пренесува „Вол Стрит џурнал“, повикувајќи се на истражувачи од Светската здравствена организација (СЗО).

Истражувачите сега бараат од официјален Пекинг да им се овозможи понатамошно тестирање за да се одреди дали новиот вирус навистина се ширел порано отколку што е познато. Кинеските власти направиле тестови за антитела на околу две третини од 90-те пациенти и изјавиле дека вирусот не бил детектиран кај никој од нив, според истражувачите. Меѓутоа, тимот од СЗО вели дека антителата можеби не се детектирани поради долгиот временски период помеѓу заболувањата и тестирањето.

Според официјалните податоци, првиот пациент со Ковид-19 бил идентификуван на 8 декември 2019, а претставници од националната здравствена комисија во земјата изјавиле дека немало необични нивоа на смртни случаи од пневмонија или други болести во месеците пред идентификувањето на првиот случај.


Фото: Pixabay

Кина повеќепати повтори дека успешно се справила со почетокот на пандемијата, тврдејќи дека истата започнала во друга земја, а не во Кина.

Во меѓувреме, СЗО изјави дека малку е веројатно дека коронавирусот избегал од лабораторија и дека пренесувањето на луѓето веројатно се случило од лилјак преку друго животно.

Неодамна истражување спроведено во Италија покажало траги од Ковид-19 кај момче од Милано кое било хоспитализирано на 30 ноември 2019 г. Можно е да имало случаи на Ковид-19 и во САД во декември истата година, пренесува весникот.

Автори: Дру Хиншо, Џереми Пејџ, Бетси Мекеј
Извор: wsj.com
Фото: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје