Дедо Мраз седи безбедно зад акрилно стакло. Џуџињата одржуваат безбедна физичка дистанца и носат хируршки маски.
Ова е празничното расположение за 2020 година, но со оглед на тоа што празниците се ближат, туристичките оператори во Лапонија веруваат дека ова е најдобриот начин да се спаси Божиќ и да се спасат по бруталната година, во која бројот на посетители опадна.
Ним им помагаат новите правила за карантин во Финска, кои и покрај вториот бран низ Европа што предизвика нови заклучувања, ќе овозможат 72-часовни посети во земјата без потреба од карантин.
На туристите од Европската Унија и 26. земји-членки на шенген-зоната ќе им биде дозволено да влезат под услов да имаат негативен ковид-тест 72 часа пред поаѓање. За подолг престој ќе биде потребна самоизолација и втор тест. Правилата можат да се променат.
- Божиќ дефинитивно не е откажан. Оваа година ќе биде поинаква од претходните, но сигурна сум дека патниците што ќе дојдат овде ќе уживаат - вели Сана Керкјинен, извршна директорка на „Визит Рованиеми“, официјалниот дом на Дедо Мраз, високо над Арктичкиот Круг во финската Лапонија.
Сана вели дека деловните субјекти во регионот уште од летото се подготвуваат за празниците, следејќи ги протоколите за безбедност.
- Заедно со болницата во Лапонија создадовме ковид-безбеден модел за патување. Станува збор за голема мрежа на туристички понуди и дестинации во Лапонија. Посветени сме на оваа работа и секако тоа е знак до туристите дека правиме сè за да го направиме туризмот безбеден - додава таа.
Освен што Дедо Мраз стои зад акрилното стакло, Сана вели дека посетителите на работилницата на Дедо Мраз нема да имаат проблем во одржувањето физичка дистанца.
- На некој начин пониските бројки и помалите групи ни помагаат да ги развиеме услугите на ниво што навистина можеме да ги поврземе здравствените мерки со услугите што ги даваме - вели Сана.
Алистер Меклин, управен директор на „Артисан травел компани“, која нуди патувања во регионот, вели дека е импресиониран од тоа како Финска се приспособува на ситуацијата.
- Финската влада има тесна соработка со претставници на туризмот од Лапонија за да се воспостави контрола на ширењето на вирусот, овозможувајќи нивната туристичка индустрија да работи безбедно - вели Алистер.
Природата на активностите на отворено што се нудат во
Лапонија значи дека полесно ќе се одржува безбедно физичко растојание, па така ќе поминувате време само со оние со кои сте допатувале во земјата.
- Не можеме со сигурност да гарантираме дека Дедо Мраз и неговите џуџиња нема да носат маска - вели Меклин.
- Веруваме дека по неверојатниот начин на кој сите се приспособија на новото нормално во 2020 година, да се има незаборавен, магичен празник како крај на годината би било неверојатна награда - дури и со неколку дополнителни безбедносни мерки - вели тој.
Во меѓувреме во Шведска
Во Шведска, посетителите од ЕУ и од Велика Британија не подлежат на карантински правила. И изолираната природа на регионот значи дека таму може да уживаат во релативно безбедни празници, дури и ако Дедо Мраз живее во Финска.
- Ние сме дестинација со големи области, мали приватни хотели и претежно активности на отворено што им се нудат на мали групи или приватни компании. Ова е предност при приспособувањето на физичката дистанца - вели Ана Ског од Шведскиот одбор за посетители на Лапонија.
И покрај ова, Ског не е оптимист во врска со бројот на посетители.
- Оваа зима работите не изгледаат добро. Шведска Лапонија е особено погодена затоа што сме меѓународна дестинација, особено во текот на зимската сезона. Индикациите што ги добиваме се дека луѓето се заинтересирани да патуваат тука, но со оглед на околностите, тоа е вистински предизвик - вели Ског.
Фото: Pixabay