X
 18.12.2020 Живот

Земја во која нема криминал, има 2.100 глечери и не е потребна виза... Интересни факти за еднo од најсеверните места во светот

Во март годинава Норвешка беше прогласена за четврта најсреќна земја во светот. Животот во Северна Европа не е евтин, но привлекува голем број туристи. Повеќето од нив сакаат засекогаш да останат во Норвешка.

И додека за повеќето земји е потребна виза за подолг престој или преселба, норвешкиот архипелаг Свалбард ви овозможува да го посетите и да живеете во него без посебна дозвола.

Во продолжение ви издвојуваме неколку интересни факти за ова фасцинантно место.

- Свалбард е архипелаг во Арктичкиот Океан кој се смета за најсеверниот дел на Кралството Норвешка.


- Лонгјербин е најголемата населба и главен град на Свалбард. Жителите што живеат таму се Норвежани, Руси и Тајланѓани, но ова е и дом на луѓе од 50 различни земји во светот. Ги привлекуваат мирот, тишината и неверојатната недопрена природа.

- Во Свалбард просечната температура е -14 степени во зима и околу 9 степени во лето. Се смета дека на ова место постојат само три годишни времиња: поларно лето, зима со поларна светлина и сончева зима. Со други зборови, дури четири месеци во годината владее вечна темнина и четири месеци владее вечна светлина.

- Без сомнение, Свалбард е едно од најфасцинантните и најуникатните места на планетата. Ова е место каде што не може да се раѓаат бебиња, ниту пак луѓето имаат вечно почивалиште. Иако постои болница, таа е наменета за секојдневни болести и фрактури.

- Доколку сте љубител на поларната светлина, токму поради 24-часовниот мрак во зима и неговата северна локација, Свалбард е одлично место за набљудување на аурора бореалис. Студената и сува клима на Свалбард значи чисто небо многу повеќе отколку на другите места во појасот на поларната светлина.


- Свалбард има само 40 километри пат. Ова не е многу асфалт за толку голема површина. Главните методи на транспорт се моторните санки во зима и бродовите во лето.

- Во Свалбард се наоѓа глобалниот трезор за семиња. Трезорот се наоѓа на работ на Лонгјербин, близу до аеродромот. Трезорот бил отворен во 2008 година и во него се чуваат копии од сите светски семиња во случај да дојде до глобална криза и загуба на семињата.

- Свалбард е едно од најбезбедните места во светот. Криминалот речиси и не постои помеѓу малото население. Поголемиот дел од пријавените кривични дела биле тепачки. Во 2018 година Лонгјербин се најде на насловните страници кога се случи вооружен грабеж во локалната банка, што било првпат во историјата. Сторителот веднаш бил испратен на копно.

- Интересно е тоа што не е потребна виза или дозвола за престој за да живеете и да работите во Свалбард. Секој има право да живее и да работи таму на неодредено време, без оглед на државјанството. Свалбард е надвор од шенген-зоната и има свои правила.

- Противзаконски е да не носите пиштол надвор од населените места. Од 2012 година стана задолжително носењето огнено оружје за секој што патува надвор од населено место. Додека огненото оружје е од суштинско значење, се препорачува да се носат и други начини за заплашување на мечките.

- Во Свалбард има седум национални паркови. 60 отсто од земјиштето на Свалбард се заштитени. Постојат 7 национални паркови, 29 заштитени области, 15 заштитени живеалишта за птици и 6 природни резервати, што е идеално место за набљудување на дивиот свет.

- Свалбард е класифициран како арктичка пустина поради ниската влажност и врнежите. Воздухот во Свалбард е сув речиси исто колку воздухот во Сахара.


- Свалбард има над 2.100 глечери, па во текот на летните месеци може да гледате како голем дел од мразот плови во морето. Глечерите се стари околу 3.000-4.000 години.

- 60 проценти од земјата на Свалбард се покриени со мраз, а помалку од 10 отсто од копното има вегетација токму поради својата пустинска природа и ниската температура. Освен тоа, во Свалбард нема дрвја поради краткото лето и долгите, студени и темни зими.

- Во Свалбард има повеќе моторни санки отколку луѓе. Со оглед на тоа што има само 40 километри пат, има смисла тоа што моторната санка е преферирана за транспорт.


- Во Свалбард има повеќе поларни мечки отколку луѓе. Свалбард има население под 2.700 жители, а се проценува дека има околу 3.000 поларни мечки.

- Забрането е да се убиваат поларните мечки. Тие се загрозен вид и се заштитени со закон низ целиот архипелаг. Исто така, нелегално е да бркате и да вознемирувате поларни мечки.

- Нема мачки во Свалбард. Мачките се забранети со закон со цел да се заштитат птиците што живеат на архипелагот.


- Свалбард има свој вид ирваси. Овој архипелаг е дом на околу 10.000 ирваси кои имаат сопствен подвид и станува збор за најмалиот вид ирваси во светот, со пократки нозе од другите. Тие се жители на Свалбард повеќе од 5.000 години.

Извор: Secretatlastravel.com
Фото: Instagram | Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот