Меѓународните тестови што се применуваат во нашите училишта за да се измерат знаењата на учениците, како што се ТИМСС (TIMSS – Trends in International Mathematics and Science Study) во основно и ПИСА (Programe for International Student Assessment) во средно образование, доведуваат до збунетост кај учениците, разочараност и демотивираност, велат просветни работници што имаат искуства со ваквите тестирања. Според нив, учениците не реагираат позитивно, некои се индиферентни, на некои тестирањето им предизвикува стрес. На крај, кај значително голем дел од учениците не се раѓа желба да се соочат со предизвикот.
Љубица Стерјева, одделенски наставник: „ТИМСС-тестовите се обемни, со долги прашања и не се совпаѓаат со другите во наставата“
Љубица Стерјева, одделенски наставник во Основното училиште „Тодор Ангелевски“ во Битола, вели дека има голема разлика меѓу тестовите од ТИМСС и оние што наставниците им ги даваат на учениците во рамките на наставата во нашата држава.
- Во однос на тестирањата спроведени од ТИМСС, согледувам крупни несовпаѓања на тој тест и тестовите што наставниците тековно ги задаваат во наставата. Нашите тестови се со: кратки прашања, дополнување и заокружување. Тестовите се изработени според Блумовата таксономија во сооднос со целите на часот и стандардите за оценување. Тестовите спроведени од ТИМСС се обемни тестови, од четири-пет страници, со обемни и долги прашања. Тешки според возраста да се постигне посакуваната цел - вели Стерјева.
Според неа, сето тоа доведува до збунетост кај децата, разочараност и демотивираност, па на тестовите спроведени од ТИМСС учениците покажуваат слаби резултати.
Резултатите од последното меѓународно ТИМСС-тестирање што беше спроведено во 2023 година, а беа соопштени неодамна, беа поразителни. Беа тестирани ученици од четврто одделение, на македонски и на албански јазик, и првпат електронски. Во математичка писменост од 58 држави, македонските ученици беа на 44. место. Во природни науки, три места подолу, односно на 47. место. TIMSS е интернационална студија во која се мерат постигнувањата на учениците по математика и природна група предмети (природни науки, физика, хемија, биологија), како и факторите што влијаат врз тие постигнувања.
Македонските ученици стојат лошо и со резултатите од ПИСА-тестирањата. Последното беше спроведено во 2022 година, а покажа назадување во резултатите во читањето, математиката и природните науки во земјата во споредба со 2018 година. Резултатите влегоа и во Извештајот на Европската комисија за Република Северна Македонија. Во него пишува дека има висок процент на ученици на 15 години кои не успеваат да покажат основно владеење (ниво 2) во читање (73,6%), математика (66,2%) и природни науки (65,3%).
Тилија Тодоровиќ, професорка по хемија: „Проблем се лошите програми по кои се работи од прво одделение и преќутно скратените ингеренции на наставникот“
Тилија Тодоровиќ, професорка по хемија во гимназијата „Јосип Броз-Тито“ и во ОУ „Тодор Ангелевски“ во Битола, која е вклучена во подготовките за ПИСА бидејќи им предава на ученици од прва година кои ќе бидат тестирани, вели дека подготовките за ваквите тестирања треба да почнат од прво одделение, а не неколку месеци пред самото тестирање.
- Учениците, за жал, за овие тестирања се подготвуваат токму така како што не треба. Не се оценува на овие тестирања само стекнато знаење на некоја тема, туку многу повеќе. Се проверува начинот на кој еден ученик размислува и на кој го користи своето знаење. Предвидено е во текот на второто полугодие предметните наставници, во рамките на часовите, да обработуваат десетина задачи. Правилно сработена задача од овој тип одзема најмалку половина час, па пресметајте колку време е тоа на сметка на редовните часови. Практиката покажува дека овие подготовки не се реализираат целосно како што е предвидено, а да бидам искрена, сметам дека и кога би се реализирале, не би се сменил крајниот резултат. Учениците не реагираат позитивно, некои се индиферентни, на некои тестирањето им предизвикува стрес. Не се мотивирани, брзо се разочаруваат и кај значително голем дел од нив не се раѓа желба да се соочат со предизвикот - вели Тодоровиќ.
Според неа, образованието е долгогодишен процес, знаењето и вештините не се стекнуваат преку ноќ. Во првите години од основното образование децата се соочуваат со нереални очекувања од нив за познавања од области, непотребни за таа возраст, а не се работи доволно по предметите мајчин јазик и математика.
- Резултатот е поразителен, имаме ученици на 10-годишна возраст кои не знаат да читаат, уште помалку да се изразат или да разберат текст, не знаат со леснотија да соберат или да помножат два броја. Во втората половина од основното образование се продлабочуваат проблемите кои настануваат како последица на претходно кажаното. Конкретно, по предметот хемија воопшто не се учат темелно основните работи, а постои програма според која се работи и наставникот не може да не се придржува до неа. Во средно образование само се продолжува по патот по кој се тргнало. Овие тестирања се реализираат на ученици кои тукушто дошле во средно образование, а всушност се резултат на основното. Не го велам ова за да се префрла вината, напротив, заеднички да се почне со решавање на проблемот, а тоа мора да биде од неговиот корен - вели професорката.
Таа додава дека сите знаеме оти давањето незаслужени оценки е проблем, но ако мора да каже на што се должат лошите резултати, кои патем даваат и слика на македонското образование, би рекла дека тоа се лошите програми според кои се работи уште од прво одделение и преќутно скратените ингеренции на наставникот како поединец и на целото училиште.
Инаку, Бирото за развој на образованието веќе реализира една обука за подготовки за ПИСА-тестовите, дополнително наставниот кадар ќе добие и материјали и насоки според кои ќе треба да работи.
Фото: приватна архива