X
 19.01.2019 Образование

Сенатор од Индијана сака во сите училници да стави постери „Во Бога веруваме“

Сенатор од американската сојузна држава Индијана претстави закон во полза на христијанските верувања во училиштата во оваа држава.

Со Законот на републиканецот Денис Круз, претставен неодамна, се бара да се постави постер на кој ќе пишува „Во Бога веруваме“ (In God We Trust) во секоја училница во Индијана.

Законот е наречен „Образованието е важно“ и во него е наведено дека фразата треба да стои на издржлив постер или врамена слика која е со димензии најмалку 11 на 17 инчи и дека тоа би можело потенцијално да биде набавено со финансии на училиштата.

Законот исто така би им овозможил во училиштата да се предава креационизам (религиско верување според кое целото човештво и сите живи суштества на Земјата или на космосот како целина, се резултат на Божјата креација) и да се понуди настава за религиите во светот.

Денис Круз
Фото: Huffington Post

Круз е познат по предлагање закони со кои се поддржуваат христијанските верувања. Во 2013 година тој претстави закон со кој би се барало училиштата во Индијана секој ден да го почнуваат со молитва.

Од 2000 година Круз има претставено шест закони поврзани со креационизам. Петте негови претходни обиди доживеаја неуспех.

Фразата „Во Бога веруваме“ почнала да се појавува на американските монети за време на Граѓанската војна. Потоа повторно се појавила за време на Студената војна, како религиозен одговор на атеизмот поддржан од страна на комунистичките земји. Фразата станала американско национално мото во 1956 година и почнала да се појавува на банкноти една година подоцна.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование